Со проекција на филмот „Стела“ и анимирани филмови за деца синхронизирани на македонски јазик започна третиот фестивал „Преку езерото“ во Дојран. Најмладата публика уживаше, а присутните имаа можност одблиску да го запознаат Столе Вујичиќ, режисерот на „Стела“, и да прашаат сè за првиот македонски екофилм. Претходно, во Музејот на Град Дојран се одржа работилница за филмска писменост со директорот на фестивалот „Преку езерото“, Јани Бојаџи, режисерот на „Стела“, Столе Вујичиќ, и претседателката на Советот на фестивалот, Мими Ѓорговска Илиевска.
Официјалното отворање е вечерва со доделување на наградата „Мето Јовановски“ на актерот Владо Јовановски, како и проекција на филмот „Руски конзул“, последниот филм на Мето Јовановски. На свеченото отворање на фестивалот ќе биде прикажан филмот „Спроти брановите“ во натпреварувачката програма. Потоа на програмата се „Параноик“ на Андреј Георгиев (Македонија, 2024, 9 мин.), „Руски конзул“ на Мирослав Лекиќ од Србија и „И покрај тоа што е нож“ на Гилермо Гарсија Лопез од Франција.
В сабота, од 20 часот, публиката ќе ги види „Дали си маж“ на Ѓорче Ставрески од Македонија, 2023, „Сребрен бунт“ на Дан Шадур од Израел и „Волкот и мечката“ на Жан-Себастијан Бернар од Франција. Од 22.30 часот на програмата се „Тишина 6-9“ на Христос Пасалис од Грција, „Човекот што не можеше да молчи“ на Небојша Слијепчевиќ од Хрватска и „Блада“ на Кристофер Нилсон од Франција.
В недела ќе бидат прикажани „Ѕвездена“ на Александра Лазаровски од Србија и „Хотел Пула“ на Андреј Коровљев од Хрватска. Потоа ќе следува свечено затворање на фестивалот и доделување на фестивалските награди, како и на грантовите за дипломски студентски филмови. Во 22.30 часот ќе следуваат проекции на „Подрум“ на Омер Ферхат Озмен од Турција, „Лошо на момент“ на Даниел Соарес од Португалија и „Заразени“ на Себастијан Ваничек од Франција.