Изложба на академскиот сликар Синиша Кашавелски е отворена во Ликовниот салон во Велес. Кашавелски, академски сликар (1969, Куманово), дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, на Друштвото на уметниците на Франција, на Друштвото на Есенскиот салон во Париз, на Академијата за уметност и наука во Париз, на Светска академија за уметност. За своето творештво добил многу награди.
Синиша Кашавелски е меѓу топ 10-те реалисти во светот, изложувал во Франција, Германија, Италија, Њујорк, Сингапур, во Пекинг во галерија што е меѓу најпрестижните во светски рамки, буквално нема земја каде што немал изложба или свое дело. Апсолутен победник е на голем број интернационални конкурси, како што е „Марчиони прајз“ во Сардинија, Италија, гран при на „Арт експо“ во Венеција, „Амбиш ворлд арт компетишн“ во Индија со делото „Судбоносно време“, кое е наградено и во Рим и Америка и многу други. Најновото признание што уметникот го доби деновиве, пак, е специјалната награда „Артелибре“ на „Мод портрет контест“, а награденото дело оди на изложбата на финалистите на европскиот музеј за модерна уметност MEAM во Шпанија.