Завчера престана да чука срцето на академик Радован Павлоски, поетот класик во македонската литература, препознатлив по определбата додадена кон неговото име – „принц на метафората“. Стиховите на Радован Павловски се преведени на голем број странски јазици. Тие се врвни поетски изблици, складирани во ризницата на македонската литература.
Роден е на 23 ноември 1937 година во Ниш, Србија. Детството го минал во Железна Река, Гостиварско, предел што станува речиси митско место во неговата поезија, а се школувал и работел во Скопје. Живеел и во Загреб, Хрватска; во Белград, Србија; а од 1985 година трајно се населил во Скопје. Сиот живот ѝ го посветил на поезијата, за што говори грандиозниот опус. Покрај стихови, пишувал и есеи, патописи и се занимавал со публицистика. Член е на ДПМ од 1961 година. Член е на МАНУ и на Македонскиот ПЕН.

Автор е на следниве книги поезија: „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993),,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во три тома) и „Се случува вечност“ (2014). Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезол на ДПМ (2002), Благодарница од „Струшките вечери на поезијата“ за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011) и на највисокото признание што го доделува ДПМ за поетски опус, повелбата „Блаже Конески“ (2020). Добитник е и на многу странски книжевни награди и признанија, како и на Орден за заслуга за народ со сребрени зраци. Американскиот биографски институт го прогласи за Личност на годината за 1997 како „еминентна личност наведена во меѓународно и национално признаени биографски дела“.


Интими Орфеј

Смртта
Не може да земе онолку
колку што може да даде
љубовта
водопадот на лирата
на моите камења
корења и красти Орфеју
од мене
и од мојата земја
пеј ја во мене својата песна.

Радован Павловски