Новата книга за деца и млади „Се викам храброст“ со 50 инспиративни приказни од животот на македонските хероини е промовирана во рамките на „Денови на литературата“. На настанот присуствуваа дел од жените застапени во делата: Зорка Тодорова-Младеновиќ (костимографка и модна дизајнерка), Олга Муџева-Шкариќ (професорка), Бисера Чадловска (диригентка), Ема Ананиевска (пијанистка), Ива Матиќ (пилотка), Мартина Димоска (аналогна космонаутка), Јасмина Атанасова-Симјановска (оџачарка), како и претставници од семејствата на хероините што веќе не се меѓу нас. Кон делото ќе се осврнат и уредничката Надица Фирфова, графичката дизајнерка Анета Илиевска и книжевникот и публицист Иван Антоновски.
Оваа книга во издание на „Арс ламина – публикации“ е посветена на 50 исклучителни жени од нашето минато и од нашата сегашност. Од Сирма Војвода до Вера Ацева и Илина Арсова, ова дело зборува за жени што со својот дух, упорност и истрајност успеале да се афирмираат како силни женски личности што ќе го посветат животот или, пак, ќе го дадат својот живот за повисоки цели и за исполнување на нивните сништа.
Книгата „Се викам храброст“ е наменета за помладата читателска публика и за сите оние што бараат инспирација. Идејата за создавање вакво дело е токму тоа – да им се дадат насока и мотивација на младите девојчиња да го пронајдат својот животен пат низ примери што ќе ги инспирираат. Сите личности застапени во оваа книга се избрани мошне внимателно за да послужат како поттик на младите читатели во пронаоѓање на целта на сопствениот живот. Низ овие инспиративни приказни во кои преовладуваат ентузијазам и храброст, да се охрабрат и да согледаат дека трудољубивоста и пожртвуваноста за постигнување одредена цел носи огромно задоволство и високо чувство на самопочит. Иако низ македонската историја има уште многу женски имиња што нè задолжиле со своите лик и дело, нашиот избор на овие педесет женски лика е со цел да се опфатат личности од различни периоди од нашата историја и современост и од различни области: историја и Народноослободителната војна, политика, култура, наука, медицина, необични професии за жена, спорт итн. Пораката на ова издание е да бидеме љубопитни, храбри, вредни и да си поставуваме високи предизвици, а потоа напорно да работиме за да ги постигнеме. И никогаш, никогаш, да не престанеме да сонуваме – исто како и хероините на „Се викам храброст“.