фото: Охридско лето

Традиционалната Романска вечер на фестивалот „Охридско лето“ вечерва од 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе донесе концерт „Од Букурешт до Мадрид“ со виолинистката Ирина Мурезану и пијанистот Даниел дел Пино.
Романската виолинистка Ирина Мурезану и шпанскиот пијанист Даниел Дел Пино го претставуваат возбудливото музичко патување „Од Букурешт до Мадрид“инспирирано од нивното лично културно наследство. Како што кажува насловoт, репертоарот музички и географски го следи патот кој води од едниот до другиот град со попатни станици во Унгарија, Австрија, Германија и Франција кои се претставени со делата на значајни композитори од овие земји.
Музичкото партнерство на ова дуо започнува на престижниот фестивал за музика во Њупорт во 2019 година, и оттогаш тие заеднички настапуваат во салите низ САД и Европа. Двајцата уметници имаат завидни солистички кариери, а заедно на подиумот на стандардниот репертоар му носат свежа и моќна енергија. Ирина Мурезану и Даниел дел Пино ги поврзува и заедничкиот интерес да креираат програми кои се музички комплексни, но истовремено подеднакво интересни и едукативни за публика од сите возрасти.