Ретроспективна изложба, проследена со промоција на монографијата во издание на „Бата прес“, „Василије Смилевски: Живот и дело“, приредена од Владимир Величковски, е отворена во галеријата на Кинотеката на Македонија. Станува збор за осврт кон животот и делото на Василије Смилевски, мултимедијален автор, карикатурист, фотограф, новинар, колумнист, издавач и ликовно- графички уредник, кој соработувал со повеќе македонски дневници, неделници, месечници, меѓу кои и „Нова Македонија“, а остварувал соработка на ниво на поранешна Југославија.
– Васко Смилевски, во 1960-тите и 1970-тите години оствари обемно и разновидно творештво, како израз на неговиот бурен јужњачки темперамент, еден од ретките што умеат да изненадат и преку противречни пресврти во манир на еден вид континуитет во рамките на дисконтинуитет. Неговите дела, со личен белег во разновидноста, се препознаваат на прв поглед, но во некои од нив се навлегува постепено. Тоа се однесува пред сè на неговите сугестивни експресивно обликувани цртачки записи со лично осмислени карикатурални, гротескно-метафорични творби. Меѓутоа тој и во областа на фотографијата, скулптурата, во цртежот и илустрациите, во сликарството и на посебен жив и духовит начин текстуалните записи (вбројувајќи се меѓу познатите македонски колумнисти и коментатори на актуелните ситуации и состојби) што се објавени во домашни, како и во југословенски весници и списанија, остави забележителни траги – вели авторот на монографијата, Величковски.
Тој е на свој начин хроничар на едно време и временски периоди што се карактеризираат со битни историски промени, развој на модернизмот и широката отвореност кон разните предизвици од сферата на ликовните уметности и визуелната култура општо поврзана со современите текови и со печатените и информативни медиуми од крајот на 1960-тите до почетокот на 2000-тите години.

– Смилевски е автор со неконвенционален, но широк и компетентен пристап во изборот на мотивот и неговата визуелна или текстуална обработка, чии извори и исходишта можеме да ги најдеме во македонската и југословенската култура, но исто така и во светската култура. Во што се состои значењето на ликовните творби на Смилевски? Тоа се однесува пред сѐ на импулсот, иронично- сатирично артикулиран за зголемување на свеста на човекот (доколку е самиот подготвен за тоа) за одделни прашања и проблеми што битно го засегаат и навлегуваат во порите на неговиот живот и опстојување. Неговите цртачки записи, со лични препознатливи карикатурално-гротескни белези, уверливо (надреални или понорни), сугерираат една суштествена намера, а таа се состои во ослободување од предрасуди, утврдени шеми и конвенции, од конформизам, од лицемерство и хипокризија, од себезаслепеноста. Неговите карикатурално-гротескни творби имаат карактеристични опскурни содржини, не се ниту ведро хуморни ниту сосема се проткајуваат со црнохуморни искажувања. Карикатурата кај нас доживеа голем пад, како и сите други уметнички дисциплини: таа стана дел од историјата и на еден изминат сјаен период во нејзиниот развој поврзан со весникот „Остен“, но и со индивидуалниот творечки пат на одделни автори – вели Владимир Величковски.