Промовиран е дигиталниот паметен споменик што ги вкрстува вештачката интелигенција и виртуелната реалност во уникатно футуристичко искуство за граѓаните и посетителите на Охрид. Иновативниот систем е изработен од страна на компанијата „Сефиданис“, која неодамна потпиша меморандум за стратегиска соработка со Општина Охрид.
– Преку користење на најновите технологии се овозможува да ги спознаеме културата и технологијата, минатото и иднината, во непосредна интеракција со дигиталната свест на Прличев, или како што го нарекуваат Вториот Хомер. Решението, меѓу другото, вклучува и технологија за препознавање говор на македонскиот јазик, како и високореалистичен приказ на живописен аватар што го претставува Прличев, синхронизиран со говор што ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот – вели градоначалникот Кирил Пецаков.
Според него, дигиталното културно наследство претставува посебна научна дисциплина што се наоѓа на пресекот помеѓу компјутерските технологии и хуманистичките науки.
– Охрид, како град на УНЕСКО, има потреба од новите технологии, кои овозможуваат дигитализација и трајна конзервација на културното наследство, во физичкиот и во метаверзумот. Ваквите иновации ја поттикнуваат промоцијата на градот и државата, со тоа што ќе понудат туристичко искуство што не може да се најде на друго место – вели Пецаков.
За виртуелниот модел на ликот биле користени оригинални фотографии, автентични скулптури со примена на напредни методи на машинска интелигенција за дигитална фотограметрија.