Новата книга на познатиот македонски писател Трајче Кацаров“, „Роман за Чарли Офтика -Туркачот“, што ја издаде „Панили“ денеска на пладне беше промовирана во книжарницата „Матица“ во центарот на Скопје.
Според авторот станува збор за „хумористичен роман за киното, како празник што го следи современиот човек. Киното како инкубатор на емотивни стерсови и реакции најчесто изрзени низ извици:„ Аууу! Уааа! Ејјјј! Бреее! Тууу! Пу јазк!“. Антологија на случките во киното и надвор од него приредена од протагонистите во романот Чарли Офтика – туркачот на туѓи терети и сопствени заблуди и адвокатот докторот по правни науки Алексеј Миро. Романот ви овозможува читајќи да гледате, а гледаното да го видите“.
За книгата говореа писателот Христо Петрески и режисерот Бојан Трифуновски.

– Романот е сатира на современата општествена ситуација, исполнета со контрасти и нијанси, како што се подемот на стручноста и слабоста на човечката природа. Авторот го (пре)испитува значењето на успехот и неуспехот, на движењата и патувањата на ликовите и светот што секој од нас го турка, дури и кога е невозможно да се продолжи понатаму.
„Чарли Офтика – Туркачот“ е роман кој ќе го натера читателот да се запраша дали живее во свет на илузии, или во една длабока реалност која никогаш не ја познавал и осознал доволно. Раскажувачот Трајче Кацаров успева да ги (ис)комбинира филозофските дилеми со хуморот, а романот како целина предизвикува да се запрашаме: што е тоа што нѐ прави луѓе и каде завршуваат нашите лични анатагонизми, борби, па и војни? Романот „Офтика“, како што и самиот негов наслов означува и асоцира, е апсурден и суров, но истовремено носи и извесен трагичен поетизам и комичен оптимизам – изјави, меѓу другото, промоторот Христо Петрески.
Режисерот Бојан Трифуновски истакна дека Кацаров е редок писател кој сите овие години, како Сизиф го влече бремето на својата креативнсот и упорно, на свој начин се обидува да остави трага за она што го перцепира преку своите книги. Според него „Романот за Чарли Офтика -Туркачот“ е како сценарио за филм или театараска претстава кои се случуваат пред очите на читателот.
Кацаров говорејќи за најновото дело рече дека, како ангажиран писател , како и досега тој настојува да го овековечи времето во кое живее и е фокусиран на сегашноста.

Христо Петрески, пак, потенцираше дека романот е „постмодерна, метафикциска приказна која на прв поглед може да изгледа како заплеткан дневник на еден збунет адвокат, но под површината се крие слоевит, длабоко филозофски роман за идентитетот, границите на реалноста и смислата на животот“.
Трајче Кацаров е македонски поет, раскажувач, есеист и драмски автор. Во последните десетина години објавува и книги за деца и млади, кои се одлично прифатени од младите читатели. Завршил Академија за филм и театар во Софија, Бугарија. Магистрирал на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Cв. Кирил и Методиj“ во Скопје. Работи како драматург во Народниот театар во Штип. Во 1993 година го основа списанието за уметност СУМ. Член е на ДПМ од 1991 година. Делата му се преведени на неколку јазици, a неговите театарски пиеси се одиграни низ повеќе театри во регионот и пошироко.
Добитник е на повеќе признанија од областа на литературата.
М.Т