Во просториите на „ОРО радио бар галерија“ беше промовиран стрипот „Д Џитерс“ од Стефан Николовски, работен според негово сценарио и цртеж. Станува збор за жанровски антолошки стрип во боја, збирка од четири различни приказни, во кои протагонистите ги занемаруваат последиците предизвикани од нивните исполнети желби. Преку наивното вкусување четири бонбончиња, почнува серијата на кошмарни настани, кои оживуваат потиснати трауматични спомени, ширејќи одмаздољубивост, своевидно љубовно писмо до жанрот хорор.
– Стрипот на Николовски е уникатно остварување во домашната стрип-сцена, со евидентен креативен потенцијал, нескротлива имагинација и посветеност во создавањето мозаик од приказни што на ефективен начин ги доловуваат слабостите на модерниот човек. Ова дело е исчекор за домашниот стрип, кој ќе го доближи до западниот свет, затоа што неговиот автор се изразува на јазик што е разбирлив за светските познавачи на жанровскиот стрип – изјави критичарот Златко Ѓелески, кој го промовираше стрип-изданието.
Промоцијата беше збогатена со изложбата „Ул. Чудни карактери бр. 6“ на Симона Новаковиќ и Петар Миљковиќ, тетовирање во живо од „Итернети тату“ од Скопје и „Еос инк“ од Шпанија, тематски коктели, диџеј-сет и маскенбал по повод Денот на вештерките.
Стефан Николовски е домашен стрип-артист и илустратор, кој има завршено во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, награден на првиот конкурс на годишната стрип-награда „Лифт“ за краткиот стрип „Писмото“. Го црта едукативниот стрип „Дени за тест“ на здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ и работи на цртежите за анимираниот видеоспот „Лоши навики“ од Ед Ширан. Дамјан Ѓоргиевски е автор на илустрацијата на насловната страница, а стрип-изданието е печатено и издадено од печатницата „Софија“.