Збирката филмски рецензии „Видеологија II“ од Златко Ѓелески ќе има промоција утре, од 20 часот, во киното „Фросина“, во Младинскиот културен центар ‒ Скопје. За книгата ќе говори Лилјана Пандева, а разговорот со авторот ќе го модерира Јулијана Величковска. Изданието е помогнато од Министерството за култура.
„Видеологија II“ е збирка филмски есеи и рецензии за домашната и за светската филмска продукција во 2021 и 2022 година. Книгата содржи рецензии за над осумдесет краткометражни и долгометражни филмови од домашната продукција, и играни и документарни, што се снимени последните две години кај нас. Делот посветен на македонската кинематографија е збогатен со еден сеопфатен и темелен научен есеј посветен на развојот на домашниот хорор-филм, наспроти светските текови на жанровскиот филм, односно, на можноста начелата на жанровскиот филм да бидат засадени и на домашна почва. Во однос на домашните филмови во книгата нема конкретна селекција, вклучени се сите филмови снимени во тој период што авторот Ѓелески успеал да ги изгледа, но книгата прави и една корелација со светската кинематографија, при што авторот прави селекција на четириесет исклучителни и врвни светски филмски остварувања, со високи естетски норми, снимени последните две години, како своевидна паралела меѓу домашната кинематографија и светските филмски трендови. Во „Видеологија II“, Ѓелески е хроничар на предизвиците со кои се соочува филмот денес, овозможувајќи македонската продукција да се сфати како вредна и рамноправна со светот.
Златко Ѓелески е писател, филмски, музички и книжевен критичар. Со филмска критика активно се занимава од 2008 година. Од 2011 година до ден-денес е водител на филмската радиоемисија „Дансе Макабре“, која има 14 сезони на радиото Канал 103, како и специјализираната емисија за ТВ-серии „ТВ 103“ од 2020 година, која има четири сезони. Добитник е на наградата за најдобра филмска критика на 12-то издание на филмскиот фестивал „Синедејс“ во 2013 година. Режисер е на краткометражните филмови „Од другата страна“,„Мемоари“ и „Слобода“, асистент е во постпродукција на „Центроид“, организатор на ревијата на хорор-филмови „Мрак фест“, одговорен е и за музичките изданија на „Мрак“.
Автор е на три збирки раскази: „Морбидизам“ во 2013 година, „Колекционерот на страв“ во 2015 година и „Понор“ во 2019 година, а секоја година неговите раскази се преведуваат и се објавуваат на српски јазик во неколку балкански антологии. Некои од нив се и наградени. Автор е и на збирката филмски есеи и рецензии „Видеологија“ (2021, а „ПНВ публикации“), како и на збирката разговори со домашни режисери „Мастерклас“ (2022, „ПНВ публикации“).