Промоција на стихозбирката „Зборка“ од македонската авторка Тања Аждаја ќе се одржи утре (22 август) во кафе-книжарницата „Буква“ со почеток во 19:30 часот.
„Зборка” е нејзина прва стихозбирка, која излезе во печат годинава во издание на „Сивејан“.
Промотор на промоцијата ќе биде Тихомир Јанчовски, низ разговор со самата авторка. Покрај нив, стихови ќе читаат и Биљана Стојановска, Моника Силјановска, Николина Андова Шопова, Горазд Китановски – Кени и Зоран Тортевски.
Насловот на стихозбирката, „Зборка”, покрај тоа што е еден вид игра на зборови (збор + збирка), во исто време ја опишува и основната музеологија на авторката: зборот, неговите форми, значења и врски со мислите и чувствата на авторот.
– И новата книга поезија „Зборка“ се напојува на истата река на нејзината недотечна дарба за јазикување и смислотворење, за креирање на луцидни, духовити, свежи, полни бои и енергија мини книжевни форми во кои од постоечките зборови, реченици и мисли излитени од стандардната употреба се создаваат нови, полни сила, смисли и убавина. Главна доминанта на ова дело е токму таа зборотворна, смислотворна и светотворна димензија поради која, иако хронолошки и биографски е прва нејзина збирка поезија, несомнено е зрел и естетски квалитетен происход на веќе оформен и моќен женски глас што овојпат одбира низ стихови да ги простира длабочините и ширините на сопствените филозофски промисли и доживувања на светот и животот. Топката на задоволството и уживањето во овој поетски ракопис се фрла од прва, уште со одличниот наслов, кој во целост одговара и на збирката и на интенцијата на авторката во целото нејзино творештво – вели рецензентката Габриела Стојаноска – Станоеска.


Тања Аждаја е автор на книгите игри на зборови: „Гајле cinema” (2019) и (заедно со Димитар Грчев) илустрираната книга игри на зборови „Сеир и ништо” (2019) – двете во издание на „Темплум“.
Нејзините кратки книжевни форми редовно се објавувани на порталот „Окно“, а избор од нив се преведени и на хрватски јазик и објавени на порталот „Човјек-часопис“. Пишува и поезија за деца, а некои нејзини песни се објавени од „Чудна шума“.

Аждаја е и коорганизатор на книжевно-уметничкиот фестивал „МалеМале“, кој за првпат се одржа во јули годинава во Берово и Малешевијата.