Во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци синоќа беше промовирана четвртата авторска книга под наслов „Мрзен Ораовец“ од Тодор Богев. За авторот оваа книга е круна на неговото творештво во кое се обидува да даде објаснување и истовремено да го синтетизира својот живот и насокоата кон која се стреми. Мрзен Ораовец е местото каде што тој мисли дека ќе го заврши своето животно патешестие каде што ќе биде во поголема близина до природата а оттаму и поблиску до себе и до бога.

За Здравко Ќорверзировски „Мрзен Ораовец“ е книга замислена како парадигма за моќта на природата во она што е наше опкружување и за моќта на природата во нас. Откако е напуштено селото Мрзен Ораовец, природата повторно си го зема в раце и го срамнува со земјата, па во куќите на селото наместо да живеат луѓе веќе почнуваат да растат дрвја и други диви растенија, така што просторот го населуваат диви животни, птици, инсекти, глодари и влекачи. Кога не би биле луѓето , ова истото природата би можела да го повтори и со градовите, па и со големите светски метрополи. Затоа човекот не треба да биде под стрес и да се плаши од цивилизацијата, бидејќи нејзината моќ е помала од онаа на природата.

Во оваа прозно остварување Богев Направил такво пронижување на настаните обогатени со компарација, носејќи го читателот од моментот кога станува свесен за себе како самостојна индивидуа и влегува во големиот свет, се до делот каде што тој прави поврзување и доближување на грчката митологија кон нас читателите. Токлму таму тој направил еден набој од емоции и кај себе и нуди богата естетска гозба доближувајќи ни ја легендата за Ерос и Психа. Сите ние во себе имаме и почеток и крај, во нас е вистината и во нас се сите одговори. Целта е да се спознаеме себеси, рече на промоцијата поетесата Марионка Андоновска од Неготино.

Медијатор на промоцијата беше актерот Александар Малинков, а делови од книгата и стихови читаше Марионка Андоновска. Ми.М.