По повод 60 години од смртта на Милтон Манаки, на 5 март во киносалата на Кинотеката ќе се прикажува документарниот филм „Манаки – приказна во слики“, за фотографската дејност на Јанаки и Милтон Манаки и респективниот опус од 42 филма што овие балкански кинематографски пионери ги снимиле со култната камера 300.
Со почеток во 18 часот, м-р Роберт Јанкуловски, редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и основач на „Македонски центар за фотографија“, ќе одржи презентација насловена „Фотографиите на Манаки, записи низ времето“.
Потоа следува проекцијата на документарниот филм „Манаки – приказна во слики“ (2018, 70 мин., црно-бел/колор) во режија на самиот Јанкуловски, а по сценарио на Илинденка Петрушева и Јанкуловски. Филмот е посветен на фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански сниматели, и преку оригинални документарни фотографии го следи нивното професионално патешествие од отворањето на првото фотографско ателје, во 1898 година во Јанина, до нивната преселба во Битола, каде што покрај фотографско ателје, градат и киносала и почнуваат професионално да се занимаваат со киноприкажување филмови.
Подоцна, со почеток во 20 часот, ќе се одржи проекција на 42-та наслова на браќата Манаки снимени со нивната камера со сериски број 300, а кои помладиот брат Милтон во 1963 година, пред својата смрт, ги предал на чување во Државниот архив на Македонија. Во 1996 година Кинотеката направи 35мм заштитна архивска копија од овие оригинални нитратни филмски ленти (кои денес се чуваат во бункер, поради лесната запаливост), а во 2012-2013 година истите тие беа дигитализирани и дигитално реставрирани во Унгарската филмска лабораторија во Будимпешта. Веднаш потоа дигитилизираните материјали беа објавени на ДВД и промовирани пред јавноста.
Позначајни моменти забележани со камерата на браќата Манаки се снимката на 114-годишната баба Деспина како преде во родното село Авдела – која е наедно и прв филмски кадар снимен на ова тло – потоа историската посета на турскиот султан Мехмед Решад V на Битола и Солун, посетата на принцот Александар Караѓорѓевиќ на Битола, погребот на митрополитот Емилијанос од Гревена, празнувањето на Водици во Бер и во Битола, празнувањето на Духовден на гробишта, снимки од свадби и други верски обичаи, посетата на големата романска делегација на Битола и околината, празнични поворки за време на Хуриетот, односно Младотурската револуција итн. Пред проекцијата, професорот и советник филмолог д-р Атанас Чупоски ќе има излагање за делото на Милтон Манаки, а присутните ќе добијат примерок од ДВД-изданието со дигитално реставрираните филмови на Браќата Манаки.
Милтон Манаки е роден во 1880 година, во влашкото село Авдела, во близината на Гревена, денешна Грција. Тој бил две години помлад од Јанаки, но, за разлика од него, не покажал голем интерес за училиште, туку повеќе бил авантурист и боем. Фотографскиот занает го усовршува под менторство на Јанаки, во нивното прво фотографско ателје во Јанина, а во 1905 година браќата го отвораат познатото фотоателје на битолскиот Широк сокак. Во тој период, според подоцнежните раскажувања на Милтон, Јанаки ја набавил филмската камера со сериски број 300 од моделот „биоскоп“, произведена од компанијата „Чарлс Урбан трејдинг“. Тогаш започнува и снимателската активност на браќата Манаки и тие на филмска лента забележуваат многу настани, верски и етнографски обичаи, воени и цивилни паради, армии, политички фигури итн., денес бесценети сведоштва за историјата и на Битола и битолскиот крај, но и за целата држава.
Милтон го надживеал Јанаки за цела деценија и починал во 1964 година во Битола. Целокупното творештво на браќата Манаки – и фотографското и снимателското – една година пред своето заминување Милтон ќе ги депонира во Државниот архив во Скопје и Околискиот историски архив во Битола. Оттаму денес можеме да се пофалиме дека нашите државни институции се чувари на значајното творештво на Јанаки и Милтон Манаки.