Уметничката колекција, која ќе биде сместена во Љубљана, ќе вклучува уметнички дела од уметници од целиот регион, од сите генерации, вклучувајќи ги и оние во подем. Ќе биде разновидна (од слики, скулптури, видео, инсталации, перформанси, до дигитални медиуми и нова технологија), поттикнувајќи секакви иновации во уметноста што ги кршат конвенциите

Почеток на нова уметничка програма најави НЛБ Групацијата на прес-конференција што се одржа во Љубљана, а чија цел е да се продолжи со инвестирање во аквизиција на уметнички дела и уметнички проекти и креирање нова уметничка колекција наречена „Сее арт“ (Уметноста на ЈИЕ), која ќе најде свое место во галеријата на НЛБ во Љубљана. Визијата и идеите беа презентирани од извршниот директор на НЛБ, Блаж Бродњак, директорката на Институтот за културно наследство на НЛБ, Ирена Чук, кураторот Мета Кордиш, и членовите на новоформираниот Уметнички совет на НЛБ, Мира Гаќина (МСУ, Скопје), Маја Колариќ (Белград) и Тевж Логар (Риека).
– Уметноста и економијата не познаваат граници. Сакаме активно да придонесеме за подобар квалитет на животот во својот матичен регион, поради што сега ја зајакнуваме нашата поддршка за уметноста како еден од исклучително важните столбови на одржливо и општествено одговорно работење низ целиот свет, регионот на ЈИЕ, вклучувајќи и во нашата соседна пријателска Република Хрватска. Со колекцијата „Сее арт“ ги поврзуваме современата уметност и уметниците, ги препознаваме талентите од овој регион, ги поддржуваме, ги промовираме и ја отвораме вратата за соработка, дијалог и нови можности – рече Бродњак.
Ирена Чук, директорка на Институтот за културно наследство на НЛБ, истакна дека претстојната уметничка колекција не е првиот споменик на културата создаден благодарение на покровителската традиција што ја негува НЛБ. Таков е банкарскиот музеј „Банкариум“, сместен во просториите на една од најубавите сецесионистички згради во Љубљана.
Мета Кордиш, куратор, истакна дека со купување и презентирање на современата уметност од Југоисточна Европа ќе се отворат вратите за уметноста да влезе во секојдневниот живот на луѓето што живеат и работат во овој регион.
Целта на проектот е да се подобрат разбирањето и знаењето за различните културни средини, а со тоа да се промовираат толеранцијата и различноста, а во исто време да произлезат и нови одржливи идеи и акции со различни изрази на современата уметност.

– Ова не е првпат Љубљана да има влијание врз развојот на визуелните уметности во регионот. Така беше со децении во минатото преку Љубљанското биенале на графички уметности, но и во поново време преку работата на голем број теоретичари на уметноста, историчари и куратори, кои ја преиспитаа и осмислуваа историјата на уметноста на нашите простори. Времето во кое живееме има многу внимателни и љубопитни набљудувачи, т.е. уметници од регионот. Така, колекционерството на нивните дела значи создавање документ на нашето време – вели Мира Гаќина.
Според Маја Колариќ, колекцијата ќе вклучува уметнички дела од уметници од целиот регион, од сите генерации, вклучувајќи ги и оние во подем.
– Ќе биде разновидна во обидот да ги покрие сите медиуми од слики, скулптури, видео, инсталации, перформанси, до дигитални медиуми и нова технологија, поттикнувајќи секакви иновации во уметноста што ги кршат конвенциите и ги предизвикуваат границите – вели Колариќ.
Според Тевж Логар, изложбената активност во дијалог со истражувањата, издаваштвото, номадските резиденции, институционалните соработки и слично не само што одат подалеку од разбирањето на колекцијата како апстрактен ентитет, кој се состои од збирка артефакти, туку дејствува и како платформа за подигање на јавното знаење и за подобрување на условите за продукција.