„Скопскиот поетски фестивал“ (СПФ), чие трето издание ќе се одржи во периодот од 24 до 28 септември, и годинава го организира преднастанот „Отскочна даска“ ‒ поетско читање за млади поети и поетеси од домашната книжевна сцена.
– Продолжуваме со поддршката за младите поети, за почетниците, за оние што можеби и не објавиле ништо досега, давајќи им шанса да бидат прочитани, видени и слушнати. Како и минатата година, така и оваа, врз основа на испратените песни ние ќе ги избереме учесниците што ќе настапат на поетското читање „Отскочна даска #2“, а тие меѓу себе ќе го одберат најдобриот, односно ќе изгласаат кој млад поет или поетеса ќе отскокне до официјалното отворање на третото издание на СПФ и ќе чита заедно со другите повозрасни и етаблирани поети – соопштија од фестивалот.

Заинтересираните учесници треба да се на возраст од 16 до 25 години. Имињата на одбраните поети ќе бидат објавени на 17 септември, а настанот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ на 24 септември. Одбраниот млад поет/поетеса ќе чита и на официјалното отворање на СПФ во МКЦ на 27 септември.