По затворањето на поставката во Музејот на Македонија, „Раселени“ ќе патува во Стразбур, каде што ќе биде изложена во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа, а ќе ја отвори амбасадорката Светлана Гелева
Самостојната изложба на уметницата Тања Балаќ со наслов „Раселени“ ќе биде отворена на 5 септември, во 20 часот, во Музејот на Македонија. Изложбата, која ќе ја отвори историчарот на уметноста и ликовен критичар, Кирил Пенушлиски, содржи дела создадени во периодот 2020-2023 година. На оваа изложба, Балаќ се претставува со 27 слики, кои се своевидно дополнување на нејзиниот претходен циклус започнат некаде во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени на нејзините изложби во Скопје, Белград, Загреб…
По затворањето на поставката во Музејот на Македонија, „Раселени“ ќе патува во Стразбур, каде што ќе биде изложена во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа, а ќе ја отвори амбасадорката Светлана Гелева.
– Во „Раселени“, за првпат во опусот на Балаќ, се појавуваат човечки фигури. Се работи за луѓе и лица што не можат да се идентификуваат. Тие луѓе „патуваат“ низ нејзините слики, а некои од нив се и само тивки посматрачи на трагичната човечка судбина. Човечките фигурите во овие нови сини слики се третирани различно од оние во претходните дела. Луѓето се апстрактно предадени, со сведени црти на лицата – назначени со неколку потези и речиси секогаш работени со бела боја, што дополнително ги прави нереални. Меѓутоа, тие фигури сега изгледаат како да заминуваат од платната на Балаќ. Резигнирани, помирени со својата судбина, немите портрети повеќе ја немаат стоичката димензија на оние од постарите слики. Слично на ова, и пределите во заднините на сликите се разликуваат од оние во минатите платна.
Балаќ во постарите дела ни ги прикажуваше пејзажите од каде што започнал егзодусот на луѓето на нејзините слики. Наспроти тоа, сега ретко можеме да забележиме некаква опиплива референца за некој пејзаж, град или, пак, предел. Но апстрактните партии околу човечките фигури на платното само го засилуваат впечатокот за неприфаќањето и ксенофобијата со која тие луѓе, бегалци, се соочуваат. Тоа се луѓе без дом и луѓе без иднина, изгубени во еден недефиниран меѓупростор каде што ќе ги проголта заборавот на општеството – вели Пенушлиски за делата од изложбата.
И на оваа изложба авторката се занимава со темите за бегалската и мигрантската криза, осврнувајќи се на ксенофобичната реторика присутна во многу мејнстрим-медиуми. Во обидот да создаде сеопфатна слика за овој глобален проблем, таа отвора многу прашања, но истовремено ја повикува и јавноста на заедничка потрага по можното решение.
Тања Балаќ во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност. В.Д.