Самостојна изложба на Андријана Андреева со наслов „Како горе така долу“ е отворена во галеријата „Ко-ра“ во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Авторката на овој проект непосредно ги иницира, ги мотивира и ги вклучува креативните импулси на лицата со специјални потреби и интерактивниот творечки процес, а со тоа прави обид да се оствари комуникација со нив и по пат на говорот на уметноста и ликовниот израз, кој ги доловува нивните стремежи, желби, моментални расположенија, и ги посочува нивните можности за инклузија и соодветен третман како неразделен сегмент од секое општество. Имајќи ја предвид стапката на пораст во однос на статистичките податоци, се соочуваме во глобална смисла со сѐ поизразита обврска да се надградуваме како општество за соодветен третман и можна инклузија, како и со соодветна наобразба, во сите сфери на третирање на оваа специфична проблематика што е дел од нашиот реалитет.
Андријана Андреева е дипломиран социолог, но активно е вклучена и во сферата на визуелните уметности, каде што учествува во голем број проекти, често и од ангажиран карактер, но реализира и неколку самостојни изложби и други истражувачки проекти, како и проекти од овој карактер, кои вклучуваат интеракција на лица со специјални потреби за поттик на нивната креативност и непосредна инклузија во креативното изразување. Таа е учесничка и на повеќе проекти – годишни групни изложби во галеријата „Ко-ра“ од ангажиран карактер, по повод Деновите на пролетта, Деновите на екологијата, „Жените од светот низ историјата“, изложбите по повод Денот на Европа, изложбите по повод Светскиот ден на бајката, како и на мултикултурните изложби.