Петтото издание на „Скопскиот поетски фестивал“ беше отворено вчера и ќе трае до 26 април, на неколку локации во Скопје, и тоа: во Младинскиот културен центар ‒ Скопје (кино „Фросина“ и Галерија), во кафе-книжарницата „Буква“ и на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје. Гостуваат поети од пет држави, а ќе настапат и триесетина домашни поети. Од странство ни доаѓаат автори од Словенија, Турција, Грција, Србија и од Бугарија.
Мотото на годинашниот фестивал е „Од ритам до алгоритам“ („Поезијата е ритам ‒ од срцата в гради до пулсот на градот. / Јазикот е алгоритам ‒ со кодови го храни за смислата гладот“). Со ова мото сакаме да го одбележиме нашиот мал јубилеј ‒ пет години СПФ, но и да го поврземе со големиот јубилеј 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Автор на постерот е Андреј Павлов.
Денеска и утре ќе се одржат неколку поетски читања, поетско-музички перформанси, промоции на книги, изложба на парфеми, а ќе се одржи и мастерклас/работилница за креативно пишување поезија.