Светот е сцена

Отворањето на Богородичната црква во Париз во 2024 година е напнат, тежок и сложен процес, рече генералот Жан-Луј Жоржелин, задолжен за реставрација на катедралата, во интервју објавено на интернет-страницата „Ле фигаро“.
Нешто повеќе од три години по разорниот пожар на 15 април 2019 година, кој го оштети ова ремек-дело на готската уметност, се наближува крајниот рок за завршување на реставраторската работа, за која претседателот Емануел Макрон вети дека ќе биде завршена за пет години.
– Ќе се бориме да ја добиеме оваа битка и да можеме да ја отвориме за верниците во 2024 година. Дотогаш Богородичната црква ќе биде целосно исчистена, толку многу што посетителите на влезот ќе доживеат визуелен шок – изјави Жоржелин.
Тој призна дека секогаш има ризици и тешкотии на градилиштето.
– Сепак, досега најдовме начини да се приспособиме, да одиме напред и да застанеме на трепкањето на портокаловата светлина – рече тој.
За реконструкција на катедралата беа потребни милиони евра.

– Од 15 април 2019 година, собрани се повеќе од 846 милиони евра, од 340.000 финансиери и донатори од 150 земји – рече претседателот на јавната установа за реставрација на катедралата.
Во првата фаза од работите, која беше завршена во август 2021 година, требаше да се зајакне и обезбеди зградата, што чинеше 150 милиони евра, пренесува АФП.
– Ќе ни требаат 550 милиони евра за да го завршиме внатрешното чистење на катедралата, вклучувајќи го и главниот орган, да ги обновиме ѕидовите и сводовите оштетени од пожарот, да ги обновиме покривот и врвот на кулата и да ја замениме техничката опрема. Во таа сума е вклучена и процената на инфлацијата. Како и другите градилишта, изложени сме на одреден ценовен притисок – рече Жоржелин.
По завршувањето на работите треба да останат 146 милиони евра, кои би биле наменети за надворешно уредување.
Во пожарот во Богородичната црква, за што причините сѐ уште не се со сигурност утврдени, се урнаа покривот, врвот на кулата, часовникот и дел од таванот.