Повикувајќи се на традицијата за филмски проекции во старото кино, за тоа како со магариња од Јанче се носеле филмските ленти, организаторите ги поканија и галичани да бидат и гости и домаќини на фестивалот

По третпат се одржува „Галичник филм фестивал“, кој ќе трае до недела.
Официјалната селекција има 20 краткометражни филмови од целиот свет, сместени во следните категории: играни краткометражни филмови, документарни краткометражни филмови, анимирани краткометражни филмови. Ќе бидат прикажани филмови што своите премиера ги имаа на Канскиот филмски фестивал, беа во конкуренција за „оскарите“, на „Санденс“, „Торонто интернешнел филм фестивал“ и многу други фестивали. Фестивалот е збогатен и со музичка прогама и диџеј-сетови.

– Повикувајќи се на традицијата за филмски проекции во старото кино за кои неуморно ни раскажа дедо Гапе, за тоа како со магариња од Јанче се носеле филмските ленти, за тоа како покривот во старото кино татни да чуе макар уште еден галички аплауз за некој нов филм, организаторите ве канат вас, драги галичани, да бидете и гости и домаќини на фестивалот – порачаа организаторите во пресрет на отворањето.
Мотото на фестивалот годинава е „Диши длабоко и погледни кон небото. Си замисли желба? Се гледаме на Галичник!“ Во рамките на фестивалот се организира и работилницата „Екс – ју“ за краткометражни сценарија под водство на Дејан Дуковски. Учествуваат четири филмски проекти во развој од кај нас и од регионот: „Божана“ – Ева Камчевска и Небојша Јовановиќ – Македонија; „Не е добар ден за паркирање“ – Филип Лафазановски – Македонија; „Базен-дупка“ – Ана Вуќичевич – Србија и „Брат и мајка“ – Александар Вујович – Црна Гора.

– Идејата е да се направи еден колективен „бреин сторминг“ околу сценаријата на учесниците и заеднички да се обидеме да ги доразвиеме и да ги подобриме. Некој вид интензивен „скрипт докторинг“. Сценариото е клучен момент за секој филм. Со добро сценарио има шанси да се сними лош филм, со лошо сценарио тешко ќе се сними добар филм – вели Дуковски во врска со темата на сценаристичката работилница.
Во музичката програма на фестивалот се Ѓорѓи Шаревски и Јане Трајковски вечерва, диџеј Гоце Саф на 6 август и диџеј Зоки Бејбе на 7 август.
Во жирито на фестивалот се актерот Никола Ристановски, режисерката и сценаристка Елеонора Вениновa и режисерот Георги М. Унковски.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, а го реализираат „Дарма филм“ и месната заедница „Галичник“.