Деновиве излезе од печат новиот роман „Ветрилиште“ од Игор Анѓелков. Со новата книжевна објава авторот прославува неколку јубилеи: десеттата издадена книга, петтиот роман, книжевно полнолетство (осумнаесет години од објавувањето на дебитантската збирка раскази „Кротки приказни“) и сето тоа на неговиот педесетти роденден.
Во поговорот во книгата, нашата еминентна писателка и критичарка Оливера Ќорвезироска нагласува: „Петтиот роман на Игор Анѓелков, неговата десетта книга, и покрај бруталната искреност и соголувањето и на текстот и на авторот, успева да ја зачува потентната ’недореченост‘ како внимателно одбран крај. Но тоа е она што текстот и го заслужува и го бара од финишот. Романизирајќи го сето она што сите го помислуваме или го премолчуваме, Анѓелков останува доследно недоследен, свој, автентичен, изграден и неодминлив романсиер во современата македонска книжевност од последните речиси две децении. Оксиморонот „доследно недоследен“ совршено го дополнува „издвојувањето на несекојдневното за да се исцрта што пореално токму секојдневното“ како негово творечко кредо. На читателите им останува да решат дали (не)добивањето награди ќе го сфатат како секојдневна или како несекојдневна практика во домашниот културен контекст…“
Игор Анѓелков досега ги објавил следните дела: „Кротки приказни“ (раскази, 2006), „Крај-пат“ (роман, 2010), „Фото синтеза“ (роман, 2013), „Филм.мкд“ (филмска есеистика, 2015), „Филмски град“ (филмска есеистика, 2018), „Шрапнел“ (роман, 2020), „Филмотопија“ (филмска есеистика, 2022), „Двојна експозиција“ (раскази, 2022), „Мина“ (роман, 2023).