Двесте карикатури фрлаат поглед на опусот на Лазо Плавевски
Изложбата на карикатури „На тенок мраз“ на Лазо Плавевски ќе биде отворена на 16 април, во 12 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје. Кураторка на поставката е Љиљана Неделковска. Лазо Плавевски припаѓа на генерацијата карикатуристи што на културната сцена во нашата земја се појавија во 1970-тите години.
– Изложбата го прикажува творештвото на Лазо Плавевски настанато во последните седум години. Станува збор за карикатури што тој од 2015 година континуирано ги објавува на веб-порталот „Окно“, а за чија реализација беше поттикнат од кризната состојба во која се најде нашата земја, како резултат на недемократските практики на владеење од страна на владејачките структури (незаконско прислушување, „Скопје 2014“, изборни манипулации, партизација во сите сфери на општественото живеење) – велат од МСУ.
Во овој период се објавени над 500 карикатури. Од првите четири карикатури објавени во март 2015 г., па сѐ до последната серија од 16 карикатури „На тенок мраз!“ објавена во јануари 2022 г., во кои е претставена м(р)ачната состојба во „македонскиот Темен Вилает“, но и м(р)ачната состојба во која се наоѓаме како резултат на суспендирањето на позитивните придобивки и утопистички претпоставки на модерната.
– Карикатурите се објавувани во серии и се осмислени како одредени тематски целини. Во нив тој ги коментира и сецира политичките и општествените случувања во земјава, покривајќи широк спектар теми, од скандалот со прислушувањето, популизмот, моќта, капиталот, идентитетот, револуционерниот елан, пандемијата, до серија „случки“ поврзани со одредени животни ситуации и парадокси – посочуваат од музејот.
Изложбата, на која ќе бидат презентирани околу 200 оригинални и дигитални принтови на карикатури, е извонредна можност, не само да се согледа творечкиот ангажман на Лазо Плавевски во областа на карикатурата, во која тој зазема истакнато и значајно место, туку и да се поттикне и обнови интересот за овој уметнички медиум, кој во последниве децении е речиси доведен до работ на сопственото исчезнување. На отворањето ќе биде презентиран и каталогот за изложбата што е составен дел на проектот.
Лазо Плавевски (Скопје, 1954) e карикатурист, историчар на уметноста, куратор, ликовен критичар. До 2021 година работи како кустос/кустос советник во Музејот на град Скопје. Како куратор има организирано голем број самостојни и групни изложби, а како карикатурист реализирал неколку самостојни проекти и учество на повеќе групни изложби. Од 1995 г. до 2009 г. е редовен соработник и член на редакцијата на списанието за визуелни уметности „Големото стакло“, издание на Музејот на современата уметност – Скопје.
Карикатури објавува од 1970 година во повеќе списанија во земјава и во странство.
Во 1995 година ја објавува „Нема книга / карикатури 1990 – 1993“, а во 2001 година, заедно со Мирослав Грчев, книгата „Картички“. Во форма на каталог/книга во 2009 година е публикуван проектот „Неупотребливи белешки“, а во 2016 година на порталот „Окно“ е објавена неговата електронска книга „Речитатив за Tемниот Вилает“.