Рецензија на Марко Трепски

  • „На острицата – песна“ е експериментална книга на Филипа Сара Попова, која комбинира визуелен и книжевен колаж. Издавач е „Флип бук“

Многу е тешко да се најдат аргументи што ќе влеат доверба во дело што е сечено, лепено и монтирано. И не е нашата современа историја место каде што ваквите двоумици единствено постојат, целата историја на колажот како медиум живее паралелно со прашањето дали колажот треба да се вбројува во уметност или треба да се растегне на платно и верувам дека ваквата состојба ќе потрае барем додека вештачката интелигенција не нѐ раздели.
Еден од најзначајните квалитети на ова дело е тоа што истото тоа може да се чита, набљудува и толкува како тивок, но конзистентен дневнички запис, и тоа не во класична наративна смисла, туку како визуелно-текстуално сведоштво за еден интензивен интроспективен процес. Раскошните смисловни множества носат чувство на непосредност без семантички оклоп и без гард – што кореспондира и со самата природа на авторката дури и во нејзината најситна гестикулација.
Во таа висока компресираност на време, идеи, сомнежи и енергија, бидејќи сепак станува збор за интензивен процес од речиси четири месеци, не малку пати посведочив дека Филипа не прибегнува кон сигурни алатки или испробани рецепти. Напротив – резот е директен, понекогаш гласен, игрив, ироничен, но секогаш жив. Затоа, иако долго тихуваше, ова дело „шпицестите врвови си ги носи во себе“ и, за среќа, не функционира како затворена целина, туку како ентитет што сѐ уште се реобмислува во сооднос со толковната фреквенција на оној што го набљудува.
Според мене, одлика на квалитетен колаж е монтажниот пристап многу брзо, уште на првото трепнување веќе да има воспоставено дијалог меѓу визуелното и вербалното, што во голема мера е забележливо во ова дело. Чекорејќи по острицата на авторката, која е пред сѐ поетеса, ќе забележиме дека визуелното не е само илустративна кал, емотивен талог или бастун на поетското, туку полноправен и активен чинител во создавањето и проблематизирањето на нашето сфаќање за значењето. Или ќе си дозволам да цитирам уште еден фрагмент од книгата: „Ја заробува површината пред прв поглед“.

Погледнато низ историски микроскоп, делото се расприкажува на повеќе димензии, па естетички е во дијалог со авангардните практики на 20 век: дадаистите Курт Швитерс, кај кого промо-памфлетот станува носител на антикампањи, и Хана Хох, која ја користи скршеноста за деконструкција на идентитетот, а горчината како негово лепило. Во ова дело, иако без експлицитна политичка реторика, можеме да препознаеме сродна стратегија: стабилноста на конвенциите е нарушена и отворена кон повеќеслојно читање за кое нема рационален рецепт како оние за инстант-супа.
Во досиејата за колажот низ историјата стои дека тој бил прирачно изразно средство на бунтот, сликовен приказ на јазлите на социоегзистенцијален револт и ова дело може да се чита и како бунт – но не како експлозија или семантички потпрено на самото „БУ“, кое дејствува како уплавна басма и ме тера да помислам дека е тука за да го подисплаши проблемот што нѐ обрменува, туку како БУНТ во целата своја смисла, БУНТ што стои исправено и истрајно во одбивањето да се прифати фиксна форма.
Не можам овде да не го споменам портретот со вметнато туѓо око што ја дестабилизира идејата за единствен субјект, речиси во ниту еден од колажите идентитетот тука не е апсолут, туку материјал – подложен на распаѓање и повторно составување. Би ви кажал на која страница е, нo како и мојата, така и оваа книга нема пагинација.
Истовремено, делото ја разнишува и мрежата на надворешни значења: норми, улоги и очекувања. Со секој нов рез Филипа ни отвора простор за преиспитување на она што се смета за константа, секој исечок носи потенцијал за пресврт, создавајќи будност и активна позиција на приемачот и еден тон можности за изненадување што ќе ги пронајдете доколку се подзагледате таму некаде назад во навидум случајниот избор на зборови.


Можеби сум досаден со оваа премиса, но длабоко верувам дека уметноста оди рака под рака со умешноста и не можам да не забележам дека авторката доста умешно успева на фрагментот историја, понекогаш и физика, понекогаш и математика, понекогаш и на своите домашни да им даде втор живот и да ги искористи како активен елемент во периодниот систем на трансформации. Трансформацијата е и имплицитна врска, која свесно или несвесно создава континуитет со „Скршен терариум“,овој пат зачинета и со архитектонски потфати, реконструкција на идни времиња со значенски тули од речиси заборавеното, а не толку далечно вчера.
И иако со „’рѓосано ноже од кожа вади закржлавени школки“ од сепството сепак создава бисери, затоа што школката создава бисер бранејќи се од иритација, од раската во третото небо. Како што притисокот го претвора јагленот во дијамант, така и овде настанува форма од притисок. На крајот, лузната нема цел да ја скрие раната – туку сведочи, нѐ учи за неа. Во целина, делото претставува реартикулација на колажот во современ контекст, свеж и личен – не само како техника, туку како начин на разбирање на светот: каде што навидум безначајните парчиња хартија се невронски врски на колосалниот ентитет значење кон кое полека го губиме односот.