Деновиве завршуваат истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука, во селото Славеј, Прилепско. Традиционално при крајот на ископувањата, Центарот за истражување на предисторијата заедно со Прилепскиот џез-викенд организира концерт, со цел да го афирмира овој особено битен локалитет. На 28 август ќе настапи врвниот мајстор Џенгис Ибрахим, кој на инструментот канон ќе изведе своја музика. Древните звуци на овој инструмент ќе создадат посебен амбиент во рамките на локалитетот и ќе интерактираат со мистичните одблесоци на неолитската населба. Концертот претставува последна етапа од археолошките истражувања што се изведуваа на Врбјанска Чука.
Според Гоце Наумов од Центарот за истражување на предисторијата, годинашните истражувања, а кои се одвиваа веќе осма година, беа особено плодни и резултираа со голем број нови откритија што ги дополнија сознанијата за неолитската населба формирана пред повеќе од 8.000 години.
– При ископувањата се откри цела нова градба, како и објект во кого има десетина големи амбари и помали сандачиња за чување и обработка на жито, што е досега единствена ваква појава на Балканот, но и во Европа. Исто така во ѕидовите на една од градбите се пронајде погребано новороденче, обред поврзан со регенеративниот карактер на неолитските куќи и кој е наедно прв од овој вид во Пелагонија. Освен овие фасцинантни откритија, исто така се пронајдоа фрагменти од фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, сликани садови, врвови за стрели, камени орудија и садови, што укажуваат на богатиот опус на материјална култура користена при секојдневните активности и обредите. Овие мултидисциплинарни истражувања, кои се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј – Прилеп и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, кои ќе се публикуваат и презентираат во повеќе научни списанија и меѓународни конференции – објаснува Наумов.
Теренските и кабинетските истражувања на локалитетот финансиски се поддржани од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија, македонското министерството за култура, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел. Ка.М.