Во КИЦ на Македонија во Софија викендов се одржа концерт на Марко Виденовиќ, Марија Јакимовска, Игор Бакревски и Кристијан Кожумановски. „Квартето“ е единствен состав од ваков тип во Македонија, а неговата визија е камерното музицирање да стане неизоставен дел од концертите. Камерниот состав изведува композиции од авторот на проектот Марко Виденовиќ, кој преку своите композиции раскажува градски приказни, прифатливи за секаков вид публика. Атрактивната програма, специфичноста на составот и на инструментите, како и професионалноста, беспрекорно ги претставуваат уметниците низ земјава и пошироко.
Квартетот е составен од членови во нашите национални оркестри Филхармонија и Опера и балет: Марко Виденовиќ (автор, виола, пијано), Марија Јакимовска (флејта), Кристијан Кожумановски (контрабас), Игор Бакревски (кларинет).
– Целта на овој проект е на висококултурен и достоинствен начин да се претстави овој камерен состав, преку изведба на десет композиции, кои сочинуваат една приказна во времетраење од 60 минути. Одлична шанса и подиум за уметниците, ќе ги истакнеме културните особености и вредности на камерното музицирање со музика од македонски автор – велат од квартетот.
Марко Виденовиќ завршил на Факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот за виола. Бил член на повеќе камерни состави и ансамбли („Бревис квартет“, „Мјузик прогресив квартет“, ансамблот за современа музика „Алеа“, Битолскиот камерен оркестар), а свој удел како композитор и аранжер имал во филмовите „Трето полувреме“ и „Балканот не е мртов“, како и комплетен автор на музиката што ја изведува „Мјузик прогресив квартет“. Кристијан Кожумановски од најрана возраст настапува на концерти и натпревари низ земјава, на кои добива голем број награди и признанија. Своето образование го продолжува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Александар Поп Христов. Марија Јакимовска се закитува со голем број награди и успеси, а на Факултетот за музичка уметност дипломира и магистрира во класата на професорот Страшо Темков. Нејзина пасија се едукативни проекти наменети за млада публика и млади музички професионалци. Игор Бакревски во 2007 година студирал на конзерваториумот во Бостон, во класата на проф. Џонатан Колер. Истата година се враќа во Македонија и започнува да работи во Македонската опера и балет, каде што е вработен до денес.