Културната станица „Свилара“ во Нови Сад, Србија, кон крајот на април на едно место ги обедини студентите и нивните професори по флејта од музичките академии од регионот на второто издание на фестивалот „Фалута енд ми“. Програмата содржеше изведба на композиции напишани од композитори од земјите од кои учествуваа студентите од музичките академии во Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија и Словенија. Овој фестивал претставува вистинска потврда дека музиката на најубав начин ги обединува народите од поранешните југословенски република и претставува вистински празник за флејтистите. Значењето на фестивалот е особено затоа што секоја држава се претставува со композиции од домашни автори. Со поттикнувањето на младите композитори всушност се збогатува и македонското музичко творештво и се промовира меѓу младите музичари од целиот регион.
– На фестивалот, Македонија ја претставија флејтисти од Факултетот за музичка уметност од Скопје и од Факултетот за музичка уметност од Штип. Прекрасните композиции од македонските автор Вања Николовски-Ѓумар, Стојан Стојков, Кокан Димушевски и Томислав Зографски ги исполнија флејтистите Пандорка Јанаќиева, Јана Каевска, Ангела Димковска, Александар Лолески и пијанистката Ивана Јанаќиева. Подготовките на студентите беа под мое менторство – вели истакнатиот професор по флејта Страшо Темков, кој се надева дека по третото издание на фестивалот во 2025-та во Љубљана, Словенија, четвртото, во 2027-та, ќе се одржи во Скопје.
Двочасовното претставување на македонската музика студентите го започнаа со композицијата „Parody Rondo“ од композиторот Вања Николовски-Ѓумар, која располага со комплексна партитура, во која има различни музички карактери, а во еден од нив е отсликан македонскиот препознатлив седумосмински ритам, во изведба на Пандорка Јанаќиева, Јана Каевска и Ивана Јанаќиева.
– Следуваше композицијата „Емпромти“ од Стојан Стојков, проткаена со милозвучна мелодија и јасна форма што потсетува на делата од импресионистичкиот период, во изведба на Ангела Димковска и Ивана Јанаќиева, потоа инвенцијата „Сиринкс“, компонирана од еден од најплодните македонски композитори, Томислав Зографски, во изведба на Јана Каевска. За крај на концертот и наедно затворањето на фестивалот, квартетот „Аулос“, кој го сочинуваат Јана Каевска, Пандорка Јанаќиева, Ангела Димкобска и Александар Лолески, ја отсвири суитата „Танцување со лисјата“ од Кокан Димушевски, по што следуваше долг аплауз со овации – вели пијанистката Пандорка Јанаќиева, во чија повеќегодишна работа и соработка со флејтистите таа има поминато многу богати партитури и музика пишувана за флејта.