Изминатава година на македонската филмска сцена се појавија филмови што достигнаа голем успех, како домашен така и меѓународен, со нивното претставување и освојувањето награди на познатите светски филмски фестивали. Ви ја претставуваме листата на македонски филмови, чии премиери беа во 2021 година.
„Сестри“
Светската премиера на македонскиот игран филм „Сестри“ беше во август годинава на Филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од Западот“. Филмот е приказна за две млади девојки, чие пријателство е доведено во прашање кога ќе објават експлицитно видео на социјалните мрежи од тинејџерски секс среде школски тоалет. Ова е дебитантски филм на режисерката Дина Дума, која го напиша и сценариото, заедно со Мартин Иванов. Продуцентка на филмот е Марија Димитрова. Во главните улоги настапуваат Антонија Белазелкоска како Маја, Миа Жиро како Јана, Марија Јанчевска како Елена и Ханис Багашов како Крис.
„Северен Пол“
Краткиот игран филм „Северен Пол“ на македонската режисерка Марија Апчевска влезе во селекцијата за „златна палма“ на 74. „Кански фестивал“. Скромната и добра ученичка Марго (Антонија Белазелкоска) и едноставниот Матеј (Лука Гацов) имаат врска што е недефинирана, но функционира. Марго толку посакува да се вклопи во средината, што притисокот ќе ја одведе до нејасно и екстремно однесување. Апчевска го снимаше филмот во Скопје и во Македонска Каменица, по нејзино сценарио, а во продукција на „Кино око“. Главните улоги ги играат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографијата е Владимир Самоиловски.
„Соло Мод“
Краткиот филм „Соло Мод“ на режисерката Тамара Котевска ја имаше својата светска премиера на 27. Филмски фестивал во Сараево во официјалната селекција на кратки филмови. Тоа е независен краткометражен филм инспириран од пандемијата и снимен во 2020 година за време на рестриктивните мерки и строгиот карантин, со актерска екипа сочинета од едно вистинско четиричлено семејство и мала филмска екипа. Загрижениот сопруг и татко измислува професионална семејна игра на табла за да може да ги зајакне врските на семејствата за време на пандемии. Улогите ги играат: Александар Микиќ и Весна Микиќ и нивните две дечиња Иво и Ена. Продуценти се Тамара Котевска и Илија Тирицовски.
„Вера сонува за морето“
„Вера сонува за морето“ ја раскажува приказната за Вера, преведувачка на знаковен јазик, која по самоубиството на сопругот, реномираниот судија Фатмир Гаши, се наоѓа во ситуација сама да преговара за иднината на нејзината ќерка и внука со традицијата и државата, во момент кога сите ги презираат жените како нив. Главната улога ја игра Теута Ајдини-Јегени, првенката на Албанскиот театар во Скопје. Во филмот играат и Рефет Абази, еден од најпознатите актери од Македонија, Алкета Силај, Астрит Кабаши и други. Се работи за дебитантски филм на режисерката Калтрина Красниќи од Косово, работен по сценарио на Дортуна Баша. Продуцент од Македонија е Огнен Антов од продукциската куќа „Дрим фактори“. Светска премиера имаше на Филмскиот фестивал во Венеција, каде што освои две признанија – за автори под 40 години и за инклузивност.
„Улиште“
Долгометражниот игран филм „Улиште“ по сценарио и во режија на Блерта Башоли, копродукција меѓу Косово, Швајцарија, Македонија и Албанија, трикратен добитник на награда на 38. филмски фестивал „Санденс“ и официјален косовски кандидат за наградата „оскар“ за најдобар меѓународен филм, ја започна својата кинодистрибуција во Македонија. Филмот се базира на вистинска приказна и го претставува ликот на Фахрије, чиј сопруг исчезнува во војната во Косово… Ова е дебитантско долгометражно остварување на младата режисерка Блерта Башоли. Главната улога во филмот ја толкува Јилка Гаши. Продуцент на филмот од Македонија е Томи Салковски. М.К.