Претставата „Лагата“, која ја имаше својата премиера лани, е на репертоарот на МНТ вечерва, во 20 часот. Автор е Флоријан Зелер, а режисер е Бесфорт Идризи. Сценографијата е на Крсте С. Џидров, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а автор на музиката е Игор Василев-Новоградска. Во претставата играат: Павле – Јордан Симонов, Родна – Габриела Петрушевска, Михаил – Оливер Митковски, Јована – Драгана Левенска.
Претставата „Лагата“ е работена по текстот на современиот и мошне актуелен француски писател, драматург, театарски режисер, сценарист и филмски режисер Флоријан Зелер, а во режија на Бесфорт Идризи. „Лагата“ на Флоријан Зелер е безмилосна комедија што ги анализира лицемерите во општеството – лавиринт на лаги и измами и непријатни вистини што се случуваат во бракот.
Михаил и Јована доаѓаат на вечера. Но Родна истото попладне го забележува Михаил како се бакнува со друга жена и притоа е во дилема дали да ѝ каже на пријателката што видела или не. Нејзиниот сопруг Павле верува дека е подобро да се однесуваат како ништо да не се случило. Родна е далеку од сигурна. Со оглед на тоа што нивната сопствена врска е под лупа, станува јасно дека некои вистини најдобро е да не се кажат, а границата меѓу вистината и лагата може да биде опасна за преминување.