Марија Димитријевиќ, џез-пејачка

Марија Димитријевиќ е уметница, инструменталистка на виола и џез-пејачка. Една од оние чие дејствување е бележито во текот на изминатите години и една од оние без кои и не може да биде заокружен мозаикот на македонското, уште поточно нека биде скопското (суп)културно живеење. Со еден албум зад името на своето трио и повеќегодишно бележито сценско присуство, таа е исправена пред нов предизвик – да биде вокалистката пред Националниот џез-оркестар, кој реши да посегне по творештвото на големиот Каунт Бејзи и неговиот Биг-бенд и да се фокусира на соработката со современата американска џез-пејачка и пијанистка Дајан Шур. Концертот е вечерва, во 20 часот, во Македонскиот народен театар.

Какво е чувството да се биде повторно на сцена со еден голем оркестар и исправена пред предизвикот да посегнете по песни што можеби и не сте ги пееле досега?
– Најнапред би сакала да ви се заблагодарам за поканата за овој разговор и за вашите комплименти. Ме нема многу во јавноста и имав чувство дека сум некако заборавена. Дека ме знаат само оние што ме чуле и виделе како пеам по клубовите. И толку. Голема е радоста и уште поголем предизвикот да се настапи со Националниот џез-оркестар. Со моите драги пријатели и врвни македонски музичари и со Џијан Емин како диригент на концертот „Џез-лектира“. Особено затоа што во последните неколку години и не настапував нешто многу. Такво беше времето. Од друга страна, оваа можност ја чувствувам како посебен предизвик затоа што ќе имам задача да исполнам песни што досега не сум ги имала на репертоарот, не сум ги пеела, а се едни од најзначајните што американската џез-пејачка Дајан Шур ги има отпеано. Не ни можам да се споредувам со една таква вокалистка и голема легенда, но ќе дадам сѐ од себе да ѝ ги дадам на публиката онака како што јас ги чувствувам. Со многу енергија и емоции.
Со какви емоции и прашалници влегувате во еден ваков проект и колку тој може да ја измести од комфорната зона пејачката што била под силно влијание на ѕвезди како Дијана Ривс, Диди Бриџвотер и Ела Фицџералд?
– Со оглед дека зад себе на сцената имам повеќедецениско искуство и се разбира веќе изграден стил на интерпретација, на пеење, не си дозволувам да ме измести што било. Напротив, со должна почит кон трудот на секој автор, најнапред гледам да останам на цврсто тло и потоа да размислувам за некаков исчекор во непознатото. Затоа секогаш и во каков било проект влегувам со големо задоволство и нескриени емоции. И притоа се обидувам да се преиспитам себеси. Сакам да бидам вклучена во нови, па ако сакате и експериментални зафати, иако по некое сопствено наоѓање јас сум бележана како вокалистка на џез-стандарди. Од таму, среќа е што овој концерт излегува дека е моја комфорна зона, иако повторно ќе речам дека сите песни што ќе ги пеам се нови за мене.
На Скопскиот џез-фестивал (2022) како виолистка на оркестарот „Фејмс“ бевте во екипата на „Експлодинг стар оркестра“ на брилијантниот американски музичар Роб Мазурек, кој директно од сцената ја пофали вашата изведба. Како се чувствувавте тогаш и колку таквото искуство ве води напред?
– Ќе бидам искрена, тоа беше ново искуство за мене. Во проектот бев вклучена како водач на виоли во оркестарот „Фејмс“ и на една од пробите, на мое големо изненадување, Мазурек ми даде соло. Сакам експериментални проекти и мислам дека одлично се снајдов во таа улога. Уште повеќе, што Роб ме изненади и на самиот концерт. Раководејќи со изведбата, во еден момент, се сврте кон мене и ми даде знак за соло во сосема друга композиција. Ме предизвика. Не знам зошто, иако сум позната како „тремаџика“ во тој момент немав никаква трема. И ѝ се предадов на изведбата. Ја следев хармонијата на пијанистката и самиот Мазурек малку потоа ѝ се приклучи на изведбата и заедно ја завршивме импровизацијата. Тоа за мене беше исклучително значаен момент од концертот, кој се покажа дека е еден од оние по кои ќе биде запаметен 41. „Скопски џез-фестивал“.
Учествувате во кабарето „Животот е…“ на режисерката Наташа Поплавска. Колку таквото искуство ви помогна во надградбата на вашата изведба, во она кон што секогаш сте тежнееле – да се издигнете над стандардите на срединава закопана во турбо-политичката кал?
– Искрено бев скептична кога режисерката Наташа Поплавска ме покани да ја играм главната улога. Се прашував како ќе се снајдам со глумата. А и кореографиите, за мојата возраст, беа предизвикувачки. Победија љубопитството и желбата да ги испитам сопствените граници и со отворено срце влегов во приказната на ова случување. Притоа во реализацијата на задачата имав огромна помош од Наташа, но и од Ристо Вртев, кој ја напиша приказната за мјузиклот. Во врска со справувањето со стереотипите на средината во која живееме и „преживувањето“ како музичар и како уметник, како и досега, мислам дека е најпаметно да го следам сопствениот творечки пат што го започнав како инструменталист на виола и џез-вокалист. Затоа што така ми вели срцето. Јас искрено и навистина со огромна љубов се давам во сето она што го работам. Само така знам, никако поинаку. Се обидувам да не мислам за тоа кој и што кажал, освен вистинските пријатели што искрено и од срце ќе се отворат пред мене, зашто живееме, или ако сакате преживуваме, во свет каде и во културата токму некултурните ги зазедоа највисоките позиции и си поигруваат со нашите судбини. А против тоа навистина е тешко да се бориш.
Поминаа речиси 14 години од албумот „Make Someone Happy“ и од работата со гитаристот Јовица Ивановски како еден од столбовите на таа соработка. Ќе дојде ли моментот да ја прочитаме веста дека го снимате својот нов дискографски проект?
– Ах, зарем е можно дека толку време помина од излегувањето на „Make Someone Happy“?! Просто не можам да верувам дека времето едноставно лета. Ми се чини како да беше вчера. Многу ми е драго што го спомнавте Јовица Јовановски. Тој едноставно не смее да се заборави. Нашата долгогодишна соработка многу ми помогна да израснам во ова што сум денес. Приказната за триото едноставно згасна кога, за жал, го изгубивме Јовче. Спомените за него секогаш ќе бидат тука, помеѓу редовите на нотите од секој џез-стандард што сме го свиреле заедно. За среќа, имаме многу млади извонредни музичари, повеќето членови и на Националниот оркестар, со кои имам прекрасна соработка. Па и дружба. Овде мислам на инструменталисти, аранжери, композитори, како прекрасните Гордан Спасовски, Кирил Туфекџиевски и Виктор Филиповски, со кои во последно време најчесто настапувам. Токму со нив, со овие виртуози, од пред неколку години ја почнавме реализацијата на новиот проект и искрено се надевам дека годинава конечно ќе ѝ ја понудиме на публиката на носач на звук таа наша плодна соработка.
И, за крај, каква (и чија) музика сакате да пеете или свирите, за каков проект сѐ уште сонувате?
– Е, сега кога би почнала да набројувам би бил тоа еден навистина подолг список на џез-пејачки и музичари што редовно ги слушам и на чии изведби им се радувам. Тука се, пред сѐ, големите Ела Фицџералд и Сара Вон. Од помладите, та дури оние што сега доаѓаат, би ги спомнала Вероника Свивт и Самара Џој, а во последно време уживам и во изведбата на пијанистот Емет Коен. Од класичарите тука е Пучини. И кога би одела вака којзнае уште колку би набројувала. Инаку, еве ќе бидам искрена, сонувам годинава конечно да го издадам новиот албум и повторно да почнам да настапувам по џез-фестивалите. И кај нас дома и на меѓународната сцена. Никогаш не е доцна, нели?

Љупчо Јолевски