Во барот „Нагоре“ во Струмица, во организација на здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“, е отворена изложбата на цртежи „Комплицирано е“ на Кирчо Арсовски од Куманово. Ова е втора изложба од проектот „Ѕид на уметноста“ во кој струмичани ќе имаат можност да се запознаат со уште еден од уметниците во Македонија што создаваат авангардна и неконвенционална уметност. Изложбата ќе биде продажна, а ќе бидат претставени 30 дела. Самиот проект има цел да претстави уметници од државата што создаваат минијатури, цртежи, графики, кроки-скици и дела со помал формат, кои не секогаш успеваат да бидат презентирани во поголеми простори или галерии.
– Оваа супкултурна уметност заслужува внимание исто колку и секоја друга форма на изразување, затоа што нема цел да биде запаметена, особено од оние што ги пишуваат страниците на историјата на уметноста, но истовремено носат пораки што треба да бидат видени и препознаени – велат организаторите на изложбата.
Во официјалниот текст на Митко Гогов за изложбата стои дека Кирчо Арсовски е еден од најдобрите поп-андерграунд автори во Македонија.
– Медиумот што го претставува е инфантилен, што би рекле тинејџерски, претставува политички и сексуални фрустрации, а опусот и тематика му се препознатливи, баш поради тоа што користи евтини материјали, а неговиот израз и лесното поп-изразување не се тенденциозни, традиционални, ниту претенциозни, баш како во музиката на „ТБ Трачери“. Тој е лесен во цртањето како во гитарското перце, со неколку ликовни рифови прави како што големите мајстори покриваат огромни платни површини. Збунувачки е колку тој навлегува со едноставноста и простите движења во прекршената совршеност на денешницата. Неговата целина не е тенденциозна, уметничкиот израз што го користи е како простоговорот на пралуѓето. Страстите, грубоста, камшикувањето на нежноста се гратис. Не може секој да ја „свари“ улогата на прабитието со ниски страсти, а тој ни ја црта, како мало дете што ја спознало суштината на нашата анимална дрскост – вели Гогов.
Изложбата ќе биде отворена во период од еден месец, а секој што сака да има дело од овој автор во својот дом ќе има можност да стане сопственик на оригинална уметност и своевиден колекционер на препознатлива уметност.