Клубот на читателите посветен на романот „Хотел меѓу две војни“ во издание на „Арс ламина“ од Александар Русјаков е закажан за 25 февруари, во 18 часот, во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје и ќе го води Денис Бојаров.
„Хотел меѓу две војни“ е книга за февруари во нашата библиотека. По одличниот разговор со авторот, кој го имавме на почетокот од месецот, романот ќе биде тема и на нашиот Клуб на читатели.
Клубот на читателите е замислен како неформална средба на оние што ја прочитале или сакаат да ја прочитаат книгата што ја предложивме овој месец, а е дел од активностите од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.
„Хотел меѓу две војни“ е историографска метафикција посветена на култната љубовна приказна за Мустафа Кемал Ататурк и Елени Каринте. Прикажани во вителот на бурните историски настани на Балканот и во Европа (пред сè, многубројните војни од првата половина на 20 век), судбините на Мустафа и Елени се претставени преку вештите меандрирања помеѓу биографските факти и многубројните реминисценции и психолошки портретирања на ликовите.