Во Заводот и музеј – Прилеп се работи на проектот „Роднокрајна музичка поставка“, со кој во витрини ќе се чуваат стари народни инструменти, предмети и записи од музичари од Прилеп, Долнени и околината.
– За 2022 година нашата мисија е да собираме и откупуваме музички инструменти записи, аудиозаписи, скриптозаписи, слики, предмети на наши прилепски познати музичари, пејачи, радиоводители. Toa опфаќа една обемна теренска активност, каде што директно во контакт со музичките имиња од Прилеп или со нивни роднини и поколенија ќе обезбедиме доволен материјал (записи, слики, лични предмети), за да бидат истакнати во роднокрајната музичка поставка – вели Лилјана Неделкоска, библиотекарка во музејот.
Во Прилеп и Прилепско, според неа, од дамнина се одвивала богата музичка активност.
– Прилеп е еден од градовите во Македонија каде што најрано започнале усвојувањето и негувањето на западноевропската музика и музичка култура. Сознанието за уметничката вредност на нашата народна музика, изразено со желба таа да се да се зачува и да се прикаже надвор од границите на нашиот народ, како автентичен национален производ, го среќаваме уште кон крајот на 19 век, кај прилепските дејци, кои се вбројуваат меѓу пионерите на македонската мелографија. Свеста за значењето и улогата на роднокрајното музичко творештво во будењето на националното сознание сè повеќе се развива, поттикнувајќи значителен број културни дејци кон собирање и издавање фолклорни материјали, во тој ред и мелографирани напеви. Од Атанас Бадев, па до денес, трудот на прилепските музички дејци е незаменлив придонес во ризницата на македонската духовна култура како вредност по себе, начин на опстојување на овие простори и како база за надградба во сите идни творечки потфати на поколенијата. Исто така, нема а да не ги спомнеме видовите на градски музички оркестри и видовите на музика во Прилеп, имињата на познатите музички дејци, народни фолклорно-уметнички фестивали, како и традиционалните форми на градскиот забавен живот како последица на поттикот од богатата музичка палета. Проектот ќе се одвива во целиот регион и ќе биде повеќегодишен, пред сѐ поради обемноста и автентичноста на музичките имиња и дејци како и нивното музичко творештво – најавува Неделкоска, која е координаторка на проектот. Ка.М.