Со настапот на македонската поп ѕвезда и спектакуларен огномет, синоќа во исполнетиот антички амфитеатар „Хераклеја” во Битола, свечено беше отворено
битолското културно лето „Бит фест 2022”. Со своите добро познати песни, Каролина Гочева која по 4 години пауза повторно пееше пред битолчани ги разгали срцата на присутните.
– Среќна сум што по неколку години повторно се гледаме на едно од најубавите и најпосакуваните места за мене и секој уметник, амфитеатарот во Хераклјеа – изјави
Каролина Гочева.
Културното лето за отворено го прогласи градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој најави нов концепт на манифестацијата.
– Содржините кои се дел од оваа програма даваат концепт на издигнување на фестивалот на повисоко естетско ниво со почитување на професионализмот,
креативноста и повисоките критериуми и норми на уметничка изведба од страна на авторите и изведувачите кои ќе земат у чество на „Бит фест”. Фестивалот заслужено
добива шанса да биде идентитетски силен и да претставува предизвик и за уметниците и за публиката – рече Коњановски.
Во рамките на 14-то издание на „Бит фест 2022” битолчани и големиот број гости, кои овие летни денови се пристигнати во Битола, во официјалната програма ќе имаат можност да проследат вкупно 40 културни настани, кои беа селектирани од страна на стручното жири од вкупно 166 пристигнати апликации на јавниот повик.
За годинашниот фестивал „Бит фест 2022“ општина Битола ќе издвои вкупно 4,5 милиони денари, но од програмата за култура ќе бидат издвоени и дополнителни
средства за останатите културни настани кои не влегоа во официјалната програма, но кои поради квалитетот ќе бидат прикажани во наредните 64 дена, колку што ќе трае
фестивалот. М.М.