Новогодишен подарок во облик на книга е вонвременска класика, подарок што е секогаш актуелен. Па оттука домашните издавачки куќи во сезоната на новогодишните празници секогаш се подготвени за своите читатели, им помагаат во изборот, организираат новогодишни саеми, попусти…
„Антолог“ – Овој издавач нуди скалест попуст, односно колку повеќе купени книги – толку поголемо намалување. А за дружбата со книгите да биде уште повозбудлива, пуштена е и нова линија на производи со инспиративни пораки од омилените книжевни ликови од нивните изданија (керамички филџани, алуминиумски термоси и екоторби). Најпопуларни се трилерите и мистериите (Јуси Адлер-Олсен со „Вкусот на одмаздата“), потоа историските драми („Воздишката на Сузана“ од чешката авторка Јакуба Каталпа), мотивациските книги и книгите за родителство и бестселерот „Атомски навики“ од Џејмс Клир.
„Или-или“ – Со излегувањето од печат на романот „Засолниште во времето“ од Георги Господинов го прославуваат излегувањето на 200-та книга во популарната едиција „ПРОаЗА“, и токму тоа е насловот околу кој читателите највеќе гравитираат во „Или-или“ во овој празничен период. Секако, дел од изборот се и делата на новата генерација македонски писатели, кои со своите дела докажаа дека се рамноправни со преводната литература, па дури интересот за нив станува поголем.
„Темплум“ – Деновиве во малата скопска книжарница „Гладно срце“ по 12-ти пат се одржува малиот новогодишен саем. Последниве две-три години најбарани се сликовниците од двете едиции, „Во пет кај вртелешките!“ и „Старо купувам“, како и едицијата на графички новели, „Лифт“. Купувачите најмногу ја познаваат прозната едиција „Магма“, која в година слави 20-годишнина („Парфем“ од Зискинд, „Случаи“ од Хармс, „Ајнштајновите сништа“ од Лајтман, „Новела за сонот“, книгите на Кафка, По, Набоков, Замјатин, Буковски..)
„Полица“ – Тука кога избираат книги купувачите за подароци обично се водат од лични позитивни впечатоци, избираат книга за подарок што им оставила најдобар впечаток и доаѓаат со конкретен наслов. Најбарани наслови се „Пинк Флоид: кога свињите ќе полетаат“, „Квин“ и „Избрани драми“ од Горан Стефановски. Секако, се избираат и класици како „Клетници“, затоа што тие имаат имаа своја тежина и секогаш се актуелни за убав подарок што останува.
„Сакам книги“ – Најмногу се купуваат романси и драми овој период од годината, но генерално се бараат секакви книги: трилери, книги за личен развој, детски книги. Конкретно за овие празници најпродаван е празничниот серијал на Сара Морган, особено книгата „Можеби овој Божиќ“.
„Три“ – Со книжевни великани како Елиф Шафак, Харуки Мураками, Ју Несбе, Казуо Ишигуро, тука не може да згрешите. Колку е поголем изборот на квалитетна литература, поголема е шансата да се избере вистинскиот подарок. Од „Три“ ги советуваат сите што сè уште немаат идеја за подарок да се одлучат за книга, бидејќи е подарок со непроценлива вредност. Обратете се до нивните виртуелни советници, фејсбук-страници и инстаграм-страници, разгледајте го Зимскиот каталог на книгата, повелете во книжарниците и започнете ја годината со добра мисла.