„Скопје за почетници, добро упатени и понављачи“ – подарок за нашите читатели

„Нова Македонија“ ви го подарува стрип-изданието „Скопје за почетници, добро упатени и понављачи“ во овој празничен новогодишен број на весникот. Станува збор за стрип на ликовниот уметник Ѓорѓе Јовановиќ што содржи 16 страници и во кој се прави обид да се обединат различни приказни за личностите, урбаните топоними, култните места и урбаните трансформации на градот. Како се живеело и како се живее во Скопје? Кои се навиките и обичаите на граѓаните на овој град? Како трансформациите на урбаниот лик на градот влијаат врз неговите граѓани? Ова се само некои од прашањата што авторот ги поставува при работата на овој стрип…
Преку приказните во стрипот, Јовановиќ се обидува да ја прикаже интеракцијата помеѓу географијата и психологијата на протагонистите. Секоја приказна во овој стрип говори за суштинското преплетување помеѓу човекот и полисот, како и за слободата на човековата индивидуалност.
Земајќи го предвид фактот дека Скопје како тема во стрипот речиси и да не постоела и не била обработувана, преку овој стрип Јовановиќ се обидува да направи еден нов и уникатен поглед или портрет на градот и да ги преточи во стрип познатите или помалку познатите приказни за градот, точките и периодите на урбаната трансформација, личните приказни на познатите и помалку познатите скопјани, приказните за култните локали и објекти, урбаните легенди, како и приказните посветени на „обичните“ граѓани – продавачите на пазар, работници, кројачки, слаткари итн.
„Скопје за почетници, добро упатени и понављачи“ има цел да ги поттикне граѓаните да го промислат градот, да поттикне поголема свесност за значењето и зачувувањето на неговите спомени, приказни и објекти.