Возвишено естетско доживување ѝ понудија на публиката италијанските уметници, тенорот Џани Лечезе и пијанистот Екланд Хаса, кои настапија на Италијанската вечер на фестивалот „Охридско лето“, која е традиционална и се одржува со поддршка од Амбасадата на Италија во Македонија. Амбасадорот на Италија во земјава, Андреа Силвестри, рече дека оваа вечер е посебна бидејќи се одржува на големиот национален празник Илинден, а од друга страна, пак, годинава се одбележуваат и три децении од воспоставувањето на македонско-италијанските дипломатски односи.
– Оваа италијанска вечер на 63-то „Охридско лето“ е посебна бидејќи се одржува на Илинден и би сакал да ви го честитам националниот празник. Исто така, годинава славиме 30 години од воспоставувањето на нашите дипломатски односи. Имаме одлична соработка на секое поле со Северна Македонија и секогаш ја поддржуваме на патот кон нејзините евроатлантски аспирации. Од економски аспект, ние секогаш сме биле и ќе бидеме едни од најважните партнери за трговија и инвестирање. И во однос на културата сме многу активни – изјави Силвестри.
Директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, истакна дека годинава фестивалот има рекордна поддршка од дипломатските претставништва во земјава.
– Годинава имаме рекордна поддршка од дипломатските претставништва во земјава. Единаесет амбасади ги поддржаа нивните уметници, наедно и сите амбасадори со нивното присуство, нивните говори и со нивната голема благодарност кон фестивалот „Охридско лето“. Сметам дека тоа е многу важно за нашата култура и за нашите уметници, кои понатаму воспоставуваат соработки и надвор од границите на нашата земја – рече Поповиќ.
По вчерашната Италијанска вечер, вечерашната програма на фестивалот ќе биде во знакот на француската уметност, со концертот за четирирачно пијано на дуото Дезомбре-Леклер. В.Д.