Со третата, завршна вечер, спуштена е завесата на Меѓународниот фолклорен фестивал „Д-р Владимир Полежиноски“, кој по 15-ти пат се одржа на платото пред Центарот за култура во Кичево. На манифестацијата учестуваа фолклорни друштва од Турција, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Косово и од Македонија. Покрај поволните впечатоци на сите учесници на фестивалот, посетеноста во трите дена беше исклучително голема и над 4.000 граѓани ги проследија настапите на фолклорните друштва.
– Според моите предвидувања, за очекување беше добрата посета на фолклорниот фестивал.Сметам дека околу 4.000 гледачи се собраа во трите вечери за да ги проследат настапите на друштвата. Иако повеќето друштва се релативно малку познати, сепак со своите изведби сите учесници во целост ги задоволија вкусовите на присутната публика. Целиот фестивал и големата посетеност се потврда дека на нашите сограѓани им се потребни поголем број културни настани – нагласи Мазлам Османи, директор на Центарот за култура.
Сценските ефекти и врвните изведби на друштвата се потврда дека овој фестивал од година на година оди по нагорна линија.
– На овој фестивал имавме можност да настапиме пред многубројна публика, што беше причина плус да го дадеме својот максимум. Кога настапуваш пред многуброен аудиториум твојот мотив е уште поголем и тоа беше причина да дадеме се од себе за да ги задоволиме вкусовите на присутната публика – истакна претседателот на КУД „Бисер“ Младен Ванчоски. З.А.