Славниот актер Џон Малкович со претставата „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“, со која настапи во Античкиот театар во Охрид на фестивалот „Охридско лето“, приреди незаборавно сценско уживање.
– Ја сакам оваа претстава бидејќи на некој начин ги поврзува и театарот и класиката и глумата и е нешто иновативно што ја привлекува публиката. Секогаш ќе биде актуелна бидејќи насилството отсекогаш го имало и ќе го има меѓу нас… Вистината на сцената дава една посебна реалност што всушност ни ја нуди животот. Кога претставувате некаков карактер на таа сцена имате многу мал дел од времето да претставите начин на кој тој опстојува и живее. И токму поради тоа се обидувате што поцелосно и повистинито да го претставите тој карактер на театарската сцена – изјави Малкович.
Малкович првпат доаѓа во Македонија, но, како што рече, добро му се познати поранешните југословенски републики, Хрватска, Србија и Црна Гора, каде што работел.
– Во Македонија пристигнав вчера попладне и не можам да кажам ништо повеќе од тоа дека е прекрасна земја – рече тој.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска посакувајќи му да ужива во природните убавини, во одличната македонска храна и да сеa запознае со нашето културно-историско наследство, нагласи дека е вистинска реткост да се има актер, режисер и продуцент како Џон Малкович.
– Американскиот актер Џон Малкович ќе влезе во низата најексклузивни уметници што настапиле на грандиозната сцена на Античкиот театар. Преку своето богато искуство и харизма како исклучителен актер, режисер и продуцент, неговото присуство ќе придонесе за уште поголемо афирмирање на „Охридско лето“ и на нашата држава – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, кажа дека се големи честа и задоволството да се пречека уметник, кој со својата големина ја збогатува фестивалската историја на „Охридско лето“.
– Холивудскиот актер со проектот „Вечер на Џон Малкович“, оценет како најексклузивен гостин на „Охридско лето“, предизвика огромен интерес кај публиката. Токму за овој настан се направени голем број резервации од целиот регион, но и од Бразил, Холандија, Франција, САД и многу други земји – рече директорката Поповиќ.
Како што истакна селекторката на драмската програма на фестивалот „Охридско лето“, Сања Арсовска, оваа претстава ги гради својата драматуршка структура и емотивна архитектура врз две спротивности, а тоа се комедијата и психолошката драма.
– За сите силни чувства во претставата е задолжен Џон Малкович, еден од најголемите и најбрилијантни актери во времето во кое живееме, а и на сите времиња – рече селекторката Арсовска. В.Д.