Вања Ѓумар Николовски, диригент
На вечерашниот концерт насловен „Бесмртност“, под диригентската палка на Вања Ѓумар Николовски, ќе прозвучат дела од големите класични мајстори Маскањи, Моцарт, Бетовен, Мусоргски, Штраус, Барток, Вагнер, овековечени во филмските ремек-дела на браќата Коен, Скорсезе, Форман, Кјубрик, Аронофски, Копола…
Вања Ѓумар Николовски дипломира на Факултетот за музичка уметност во 1992 г., на Одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на Одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 г. специјализира диригирање во Санкт Петербург, на конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во тој период активно соработува со Јури Темирканов и со Валери Гергиев. Мастерстудиите по композиција ги продолжува во 1999 г. во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски. Во1990-тите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија, а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Тој остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург, Белград, Виена, Порто, а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес…). Вања Ѓумар Николовски се преселува во САД, каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност.
Што може да очекува публиката од концертот насловен „Бесмртност“?
– „Бесмртност“ е проект што навистина ќе допре до човековата душа. Многу често се соживуваме со добар филм, голем режисер, одлични глумци, силно сценарио, магична камера. Но дури подоцна сфаќаме дека музиката е таа што прави филмот да навлезе во нашата психа, нашата душа. Класичната музика создадена од генијални музичари, кои и по стотици години остануваат свежи со нивното творештво, е таа што го оживува филмот и дејствува така да се чувствуваме како дел од целото дејство, целата акција. Ете, тоа го прави овој проект „бесмртен“.
Што ќе може да слушне публиката на вечерашниот концерт?
– Публиката ќе биде привилегирана да слушне и да ужива во музика од различни временски периоди: од Моцарт, Бетовен; преку Чајковски, Штраус, Брамс; па до Вагнер, Дика, Барток…
Од диригентски аспект, каков предизвик ви претставува овој настап пред домашната публика?
– Како диригент, секогаш се радувам на предизвици. Воопшто не е едноставно за многу кратко време да се прерипува од еден во друг стил, каде што оркестарот мора различно да ја интерпретира музиката. Самите ние како музичари треба да се трансформираме во „современици“ на старите мајстори и да го доловиме нивното време. Само на тој начин можеме вистински да допреме до публиката.
Редовно сте гостин диригент на Македонската филхармонија, какво задоволство ви нуди настапот на сцената на Филхармонијата?
– Нема зборови со кои може да ги изразам моите чувства како дел од Македонската филхармонија. Пресреќен сум кога ќе дојдам тука да музицирам со моите колеги, меѓу кои многумина биле мои соученици, ученици, па и млади музичари со кои првпат се сретнувам. Тоа е една мешавина од професионален и пријателски однос. Хемијата е воспоставена, и затоа квалитетот е неминовен. Бескрајно сум благодарен за фактот дека сум дома.
Еднаш споменавте дека барем секоја втора година сакате да сте дома, која е магнетната сила што ве влече дома?
– Точно е дека изјавив дека сакам често да доаѓам во Македонија. Магнетната сила се луѓето, музичарите со кои израснав. Многу голем дел од животот поминав тука, пораснав како музичар на овие простори. Баш поради тоа сакам со овие луѓе да ги споделам моите нови искуства. А тие се многу, зошто како музичар цело време апсорбирам, истражувам, студирам, анализирам. Чувствувам длабока потреба сето тоа да го споделам, тука лежи мојата животна мисија, а наедно и моето задоволство. Ете, баш на овие простори, со овие луѓе.
Силно ве карактеризира бескрајна творечка љубопитност, во каква фаза сте периодов, кон какви творечки експерименти ви е насочен фокусот?
– Јас сум незапирлив, буквално не застанувам со мојата творечка работа. Компонирам интензивно, подготвувам концерти, партитури има расфрлано насекаде по мојата соба, работам со студенти, ученици. Не можам сѐ да набројам. Меѓутоа сето тоа ме исполнува, едноставно тоа е мојот живот. Имам една желба, а тоа е никогаш да не престанат мојата инспирација и мотивација. Затоа патувам, црпам знаења, искусувам нови патишта, слушам интензивно музика, поминувам драгоцено време со семејството. Со еден збор, му се радувам на животот.