Денес кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, тогаш бесконечноста е нашиот придонес кон слободата, велат организаторите на фестивалот
Осмото издание на фестивалот за краток филм „Дрим шорт“ е отворен во Струга и ќе трае до 11 август.
– Осум лета, една идеја за бесконечност. „Слободата“ денес е тема што често се користи, а ретко се ползува. Слободата, која е безброј пати злоупотребена, погазена, украдена и прелажана. Слободата, која денес е заробена од „слободниот свет“. Затоа осмото издание на фестивалот ќе се одржи со идејата за „Бесконечна слобода“, за оние што измислуваат нови универзуми и за оние што патуваат низ нив, за оние што веруваат и за оние што не веруваат. Слободата е болест што не се лекува. А филмот е една бесконечност од светови, фантазии и имагинации, во кои слободата не завршува онаму каде што почнува слободата на другиот. Денес кога реалниот свет е посуров од филмската фикција, тогаш бесконечноста е нашиот придонес кон слободата – велат организаторите на фестивалот.
Фестивалската програма ќе биде распределена во четири фестивалски денови, со филмови во интернационална, регионална, студентска програма поддржана од „Јуроп хаус Струга“ и специјалната програма „Соочување со минатото“ во соработка со „Форум ЗФД Скопје“, во селекција на Иван Бакрач.
– Со цел промоција на македонскиот филм и македонските филмски автори, фестивалот и оваа година ќе ја претстави програмата „МК спешал“ чиј победник го избира публиката. Фестивалот продолжува со „ВР програмата“ каде што ќе се прикажат три кратки филмови во специфичен формат. Во едукативниот дел од фестивалот ќе проследиме два мастеркласа со Ено Милкани и Иван Бакрач, како и една дискусија за филм на темата,,Соочување со минатото“ во соработка со „Форум ЗФД Скопје“, на која ќе учествуваат филмски уметници од регионот. Музичката програма оваа година ја посветуваме на македонската музика – велат од фестивалското раководство.
„Фолтин“ ќе го отвори фестивалот со целовечерен концерт, додека групата „Искра“ ќе го затвори.