Во Меѓународниот град на уметностите во Париз, Франција, од 10 јануари до 30 јуни е поставена големата изложба „Повторно надвор: жива архива“, која содржи архивски материјали од богатата историја на оваа реномирана фондација што обединува уметници од целиот свет. На изложбата се застапени и фотографии на македонски резиденти, како и една фотографија од посета на претседателот Киро Глигоров на ателјето, и уметничко дело од академскиот сликар Коле Манев, еден од многубројните македонски уметници што во изминатите децении имале можност да престојуваат и да творат во популарното Ателје во Париз.
Во 2002 година, Министерството за култура потпиша Договор за соработка со организацијата на Меѓународниот град на уметностите во Париз за следните 60 години. Таа година е основано и македонското ателје, каде што продолжи континуираниот престој на македонските уметници, кои дотогаш во Париз беа присутни преку ателјеата на поранешна Југославија.
Изложбата ја раскажува приказната за Меѓународниот град на уметностите во Париз од неговото основање. Застапени се архивски фотографии, сведоштва, документарни видеа од архивата на фондацијата, во која се претставиле над 30.000 уметници од целиот свет. Оваа изложба – конципирана на темата „Градот и Европа“, е дел од долгорочниот проект на фондацијата, која предвидува и други две изложби.
Уште од основањето на Меѓународниот град на уметностите во Париз во 1965 година, голем број реномирани уметници од целиот свет учествуваат во програмите на ателјето, кои поттикнуваат меѓукултурен дијалог и обезбедуваат место каде што уметниците можат да остварат професионални контакти. Во партнерство со 135 француски и меѓународни организации од над 60 земји, Ателјето пречекува повеќе од 300 уметници од различни уметнички области за резиденции што траат до 1 година.
На годишно ниво, по шест ликовни или музички уметници од Македонија реализираат по двомесечен престој во Париз, а во договор со управата на Меѓународниот град, може да се организираат и самостојни изложби на нашите уметници. Од 2002 година, над 90 етаблирани, но и млади уметници од Македонија имаат реализирано престој во ателјето.
Престојот во Меѓународниот град на уметностите е драгоцена можност за промоција и афирмација на репродуктивни уметници од Македонија и на нивното творештво во меѓународни рамки. За сиве овие години, преку повеќемесечниот престој во центарот на европската уметност, македонските уметници, што е особено важно и од помладата генерација, остварија трајни пријателства, ширејќи ја светската култура во земјава и афирмирајќи го македонското творештво надвор.