Филмскиот проект „М“ во режија на Вардан Тозија и продукција на Дарко Попов е добитник на наградата „кросроудс“ на престижниот копродукциски форум „Агора“, во рамките на 59-от Филмски фестивал во Солун. Од Агенцијата за филм на Република Македонија соопштуваат дека филмот што треба да се реализира наредната година ја раскажува приказната за две напуштени деца што се обидуваат да пронајдат љубов и заштита, во разурнат и суров дистописки свет во блиската иднина.

– Наградата за постпродукција му ја доделуваме на иден филм со високи визуелни амбиции, воден од режисер што, според нас, обединува, она што режисер треба да го носи во себе: раскажувач, но наедно и познавач на техниката на филмот. Затоа се одлучивме оваа награда да ја доделиме на „М“ на Вардан Тозија – изјави Паскал Диот, директор на филмскиот маркет на Венецискиот филмски фестивал.

Остатокот од жирито го сочинуваа романската продуцентка Ада Соломон и францускиот дистрибутер Алексис Хофман. Наградата вклучува постпродукција и финализација на слика и тон на идниот филм, во реномираното атинско студио „2:35“.