Јубилејната 30-та интернационална ликовна колонија „Галичник“ почнува денеска и ќе трае до 22 август. На неа ќе учествуваат 11 уметници од повеќе земји: Симоне Хујамнс и Мари ван Воленхофен од Холандија, Селма Џулизаревиќ и Бранимир Карановиќ од Србија, Софија Грегоријаду од Грција, Улф Лундин од Шведска, Даниел Дресел од Германија, Лин Куасаи од Англија, Хелидон Ѓерѓи од Албанија, и Зорица Зафировска и Атанас Атанасоски од Македонија.

Сите учесници се современи визуелни уметници што се занимаваат со транс и мултимедијална уметност, сите со богати биографии и со исклучителна афирмираност во земјите од кои доаѓаат и пошироко, некои од нив професори на престижни универзитети и институти низ светот, претставници и учесници на значајни ликовни манифестации, биеналиња (како национални претставници или како дел од групните тематски проекти) и уметнички настани.

– Медиумите во кои тие креативно се изразуваат се во согласност со уникатната медиумска определба на ликовната колонија „Галичник“ во регионот при изборот на уметниците, а тоа се новите и дигитални медиуми, како видеа, фотографии, дигитална графика, дигитални и звучни инсталации и слично. Очекуваме и убедени сме дека и годинешната креативна средба, како и сите досега, факт што во многу наврати е докажан од страна на стручната фела, ќе се одржи на највисоко професионално ниво и дека како резултат на тоа ќе бидат создадени одлични дела. Триесет години егзистирање на ликовната сцена во Македонија не е мала бројка, туку значи доследност, истрајност, посветеност, пожртвуваност, за да се придонесе кон збогатувањето на македонското културно милје, да се направи одличен креативен спој на традиционалните и природните убавини со најсовремените ликовни егзегези на одлични уметници од светот – вели Ана Франговска, раководителка на колонијата.
Ликовната колонија, која ја основа Нове Франговски (1939-2017), отсекогаш била посебна визуелна манифестација во нашата држава, чија причина за постоење е да се воведе еден специфичен квалитативен сензибилитет во заедничко работење на група интернационални и домашни автори. Целта не е репетитивност во изборот на автори, квантитет на продукција, туку една современа форма на промоција на уметноста, која ќе овозможи квалитетни средби, резиденција во визуелен јазик адекватен на современите текови во уметноста, манифестација што ќе овозможи суштински контакти клучни во создавање уметничко вмрежување, кое, пак, од друга страна, е плодно тло за афирмација на македонската култура и уметност во светот.

– Изминативе 30 години сите активности на ликовната колонија ја докажаа оправданоста за опстојувањето на оваа манифестација, а секако и единственоста на оваа резиденција од сите други во земјата и регионот. Таа е веќе препознатлива визуелно-уметничка активност на светската арт-мапа. Во знак на јубилејот подготвуваме неколку активности. За времетраењето на колонијата ќе се одржат две јавни презентации на кои уметниците ќе се претстават пред локалната јавност и ќе можат да комуницираат и да се социјализираат со локалното население, доближувајќи се до нив, на некој начин отстранувајќи ги границите на „неразбирливоста и апстрактноста“ на современата уметност и новите медиуми во уметноста – најавуваат организаторите.

Овие презентации ќе се одржат на 16 и 17 август, во 19 часот, во општинската галерија среде Галичник, а в недела, 18 август, во 11 часот, ќе биде анимирана и најмладата публика преку детска работилница со учесниците. Во октомври ќе се одржи ретроспективна изложба по повод 30 години ликовна колонија „Галичник“ во Националната галерија на Македонија, објект „Мала станица“, на која ќе биде претставен селектиран избор на дела од сите досегашни сесии на колонијата, а ретроспективата ќе биде проследена и со монографија.