Во Битола утре по 19-ти пат ке стартува фестивалот „Битола Отворен Град”. За разлика од минатите години, кога на овој фестивал гостуваа голем број групи од поранешна Југославија, според организаторите годинашниот фестивал ќе биде целосно со македонска програма.

Тој ќе биде отворен, утре, 3 септмври, со отворање на изложба „Coolest dead people” од Кристина Карапеоска и промоција на монографијата „Македонска дискографија – винили (1958-2019)”, прв том на Тошо Филиповски и Македонска музика од винили со диџеј Џико.

Во музичкиот дел на фестивалот, в петок на „Хераклеја” ќе настапат „Плутос даутс“, групата Фолтин, Суперхикс, а в сабота во Музеј Пацио концерт ќе одржат Вел, „Мугер Фугер“ и Горан Трајкоски.

-За сите вас, „Битола отворен град“ ќе трае само неколку денови, а за нас во МКЦ Битола, „Битола отворен град“ трае цела година. Радост е да се мотивираат луѓето кои сакаат музика, уметности воопшто култура да се активираат во фестивал, кој според нас е општествен процес, во кој на симболичен начин спојуваме различни генерации кои поминале и креативни, но и бавни години во општествени промени на ова тло, а годинава и месеци во изолација, но никогаш не ги напуштила желбата за култура и уметност – вели пред почетокот на фестивалот, Златко Талевски, извршен директор на МКЦ Битола.

Според организаторот на фестивалот, кој покрај другите спонзори и помагатели е поддржан од Министерството за култура и општина Битола, на сите настани задолжително ќе биде почитување на протоколите за заштита од ковид-19, а за добивање на бесплатен билет задолжителна е онлајн регистрација. М.М.