На програмата за мај е изложбата „Нови правила“ на Заке Прелвукај, а за декември ретроспектива на Димитар Кондовски

Националната галерија на Македонија, која во пандемичниот период лани, но и годинава, продолжи со своите активности, користејќи ги во значајна мера и дигиталните технологии, до крајот на 2021 година на публиката ќе ѝ понуди значајни настани, некои поврзани и со уметници од регионалната и меѓународната сцена. Галеријата ја почна годинава со меѓународниот проект „Флукс ајдентити“, уметнички дијалог и културно вмрежување меѓу уметници со потекло од блиските соседни и други европски земји што живеат и работат во Канада, како и со претставници од домашната уметничка сцена. Во текот на март се реализира и меѓународниот проект на Галеријата со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“ од Лондон, со наслов „Допирот“, кој, пак, е дел од проектот „Ние сме тука: Идни екологии“. Покрај изборот на дела со движечки слики од овој проект, вклучени се и тројца македонски уметници и проекти што се занимаваат со прашања од областите екологија, миграција, идентитет, прифаќање на другиот во општеството, правење убавина од грдото итн., уметниците: Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски и Елпида Хаџи-Василева. Реализацијата на таа изложба е предвидена за септември, а една од активностите што го промовира овој меѓународен проект беше онлајн конференцијата „Екологија на мислата“ одржана на 4 март.

Публиката ќе има можност од 11 до 30 мај да ја види изложбата „Нови правила“ на уметницата Заке Прелвукај од Косово, во галеријата „Чифте-амам“, каде што ќе бидат презентирани авторски дела од неколку изложби. Во истата галерија потоа ќе биде отворена изложба по повод 110 години од раѓањето на Димче Коцо, еминентниот ликовен автор што остави особен белег во историјата на модерното македонско сликарство, но и ликовен критичар, автор на голем број релевантни трудови од областа на историјата на уметноста. Ќе бидат презентирани негови познати дела, но и дела што досега не биле изложувани. Во „Мала станица“, пак, од 4 мај до 4 јуни е планирано да се одржи мини-ретроспектива на провокативниот руски автор Олег Кулик, со наслов „Мери го раунд“ („Merry Go Round“). Опусот на овој автор ќе биде прикажан во форма на независна ретроспективна изложба, за да се види неговата антологиска акција од 1990-тите и познатиот настап на изведбата од сериите „Бесно куче“, „Ја гризам Америка“, „Америка ме каснува“, фотоколажи од 2000-тите години, како и друг ретроспективен материјал.

Со проектот, пак, што треба да се реализира на 3 август, насловен „НГМ, 70 години симбол на националната култура во Република Македонија (1951 – 2021)“, во Даутпашиниот амам ќе се одбележи 70-годишнината од првата поставка во Националната галерија на Македонија. Во истиот тој галериски простор во септември треба да биде отворена и ретроспективната изложба на сликарот академик Васко Ташковски. Истиот месец, но во галеријата „Чифте-амам“ треба да се одржуваат две истовремени изложби, инсталацијата хепенинг, „Гозба“ на уметницата Љиљана Михаљевиќ од Хрватска и изложба на дела на академскиот сликар Перица Георгиев-Пепси. Во овој галериски простор во Старата скопска чаршија од 28 септември до 24 октомври ќе биде презентирана инсталацијата „Ејаси/Дијаси“ (ASC/DESC) на Горан Деспотовски од Нови Сад. Инсталацијата низ сегменти во кои доминира приказ на кукли што левитираат ќе ја покаже положбата на човекот, во која се нагласени животниот/судбински тек, човековата ментална, психичка и физичка истрошеност. По неа треба да следува изложбата на 60 ликовни дела (икони и слики) на преродбеникот Ѓорѓи Зографски, омаж по повод 150-годишнината од неговото раѓање. За октомври во мултимедијалниот центар „Мала станица“ е планирана изложба на дела на Башким Меџити, додека пак во декември во „Чифте-амам“ изложба на Бурим Муфтиу. Според најавата, Муфтиу ќе се претстави со техничка фотографија, фотоинсталација со наслов „Сеќавање“, сведоштво за една војна“.
– Големото финале за крајот на уметничката 2021 година е резервирано за ретроспективната изложба на Димитар Кондовски во текот на декември во Даутпашиниот амам – истакнуваат од галеријата.

Со надеж дека годинава ќе се смири состојбата со пандемијата на коронавирусот, најавени се и две меѓународни изложби: изложба на цртежи од Никола Мартиноски во Брежице, Република Словенија, и самостојна изложба на скулптури на Жарко Башески во Приштина, Косово. Едукативното одделение на галеријата традиционално и годинава ќе продолжи со реализација на проекти со социјално-културолошки и инклузивен карактер. Ќе бидат одржани работилници и изложба по повод 2 Април, Меѓународниот ден за подигнување на свеста за лица со различен спектар на аутистично нарушување и попреченост. За мај е планирана годишна изложба со наслов „Коцо и јас“, како резултат на претходно одржаните работилници во амбиентот на поставката на омажот за Димче Коцо, додека пак на 3 декември, традиционално, ќе се одбележува Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. Во овој проект ќе учествуваат и деца со оштетен слух и говор.
Како капитална инвестиција за 2021 година е најавена реконструкцијата на „Мала станица“, а инвеститор и организатор на тој проект е Министерството за култура. Министерството одобрило и средства за конзервација и реставрација на 37 мозаици и пет графити, како и за конзервација и реставрација на библиотечното движно културно наследство од музејот „Спомен-куќа на Лазар Личеноски“.