Во Кинотеката на Македонија се одржа комеморативна седница по повод смртта на Борис Ноневски (1948-2021), истраен истражувач, посветен филмолошки работник, голем вљубеник во филмот и во својата земја, неверојатен соговорник, врвен интелектуалец, човек што со своето дело остави трајна трага во македонската култура, а особено ја задолжи Кинотеката на Македонија, како нејзин долгогодишен директор. Борис Ноневски почина по долго боледување на 30 јануари 2021 година, а беше погребан следниот ден, на 31 јануари, на гробиштата во родниот Претор.
Пред членовите на семејството на Ноневски, колегите, пријателите и почитувачите на неговиот лик и дело се обрати Петар Волнаровски, раководител на Одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност, кој потсети на биографијата на Борис Ноневски и неговите заслуги за Кинотеката.
Беа прочитани и телеграмите со сочуство од министерката за култура, Ирена Стефоска, и директорот на Францускиот институт во Скопје, Емануел Рембер. Тие потсетија на трагите што Ноневски ги остави во македонската култура.
Актуелниот директор на Кинотеката, Владимир Ангелов, се прости од Ноневски потсетувајќи се на деновите кога младите филмолози и техничари го учеле занаетот од него.

– Ние од Кинотеката го познававме Борис Ноневски и како човек и како директор. Ја познававме неговата човечност и човечка слоевитост. Паметиме купишта негови изреки: „Платата ви е многу за работата, а малку за живејачка“ – велеше, „Бадијала извини, ако ми го изгори палтото“, „Знам луѓе што работеле без успех, но не знам некој што успеал без работа“, или „Напамет работано“. Со колегите бевме преместиле 3-4 тони филмови и доаѓа директорот и мислиме дека заслужуваме пофалба, кога тој вели „Напамет работано“ се врти и си оди. Утредента повторно истото… Борис, зашто не беше едноставен и како човек, никогаш не прашуваше едноставно „како си“, тој велеше: „Пиле, со што си ја мачиш душичката“? Често кога ги „карам“ помладите колеги ја користам неговата „она што на други им е хоби, вас ви е работа“ – рече Ангелов.