Традиционалната изложба со наслов „Цртеж – експериментален цртеж“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) е отворена во уметничкиот центар „Арт хаб“. Добитничка на истоимената награда годинава е уметницата Росица Лазевска за своето дело „Композиција 12“, а освен награденото, изложени се дела на 30 автори од членството на ДЛУМ: Александра Димитрова, Ана Спасова, Ана Трајковска, Ангел Димовски Чауш, Ангелца Стоиљковиќ, Валентина Илијевска, Горан Менков, Ѓорѓе Цветковиќ, Давор Ќешкец, Дејан Иванов Маргуш, Дијана Томиќ Радевска, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Зулејха Зубери Али, Илина Арсова, Кирил Гегоски, Лидија Вујисиќ и др.
– Изложба има идеја да го задржи принципот на проширување на медиумот цртеж со експериментален пристап и решенија што би биле предизвик за уметниците. Класичната дисциплина – цртеж има многу можности да опстане во ова време на нови медиуми, употребувајќи мисловни концепти или, пак, излегување од медиумот на дводимензионалноста и пристапот во изработката. Интересно е што постојат повеќе разнолики приоди во интерпретацијата на идејата, интерпретација на дилемата или, пак, решението како краен резултат – укажуваат од ДЛУМ.