Во март, културниот центар „Јадро“ распиша конкурс за реализација на партиципативен уметнички проект и, по разгледувањето на пристигнатите апликации, жирито го одбра проектот на Кристина Божурска, „Домашна работа, наша работа“, кој од вчера е претставен во просториите на центарот. Божурска го развиваше својот проект во периодот март-јули, во кој активно учествуваа Јана Иванова, Јована Лалчевска, Грегор Пешевски, Благица Стојанова, Ивона Здравева, Денис Денчиќ, Софија Краљевска, Исидора Божиновска и Лукас Картер. Во текот на својата работа, таа соработуваше со реномираниот куратор Тевж Логар од Словенија.
Кристина Божурска дипломирала сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2008 година, a во 2017-та магистрирала на Институтот за културолошки студии во Скопје, фокусирајќи се во своето истражување на социјалните практики во уметноста. Во своите дела користи мноштво техники и материјали, вклучувајќи готови предмети, сликарство, цртеж, текст и видео. Суштина на нејзината практика е социополитичкиот контекст, каде што преку изборот на материјали и визуелни референции директно ги коментира актуелните проблеми. Честопати трга од отфрленото, непотребното, заборавеното, во обид да го помести фокусот на опсервација и да го преиспита доминантниот консензус. Имала самостојни изложби во галеријата „Уна“ во Бјаред, Шведска; во „Мала станица“, МКЦ и во галеријата СИА, Скопје; во Прима галерија – Берлин и Куманово и учествува на голем број групни изложби и видеофестивали во земјата и надвор.