Во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ вчера беше отворена традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци, едно од најстарите друштва во Македонија кое е формирано во 1976 година. Годинава беа изложени дела на ликовните уметници: Киро Јосифов, Владимир Темков, Лазар Дојчинов, Ванчо Кеков, Трајче Јованов, Марина Убавкова, Диме Самарџиев, Иван Кованцалиев и Горан Боев.

Со години наназад годишната изложба на Друштвото на ликовните уметници претставува круна на културните случувања од областа на ликовната дејност во Кавадарци градот од кој потекнуваат најзначајните имиња во современото македонско сликарство како што се: Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон, Шемов, Ана Темкова, Глигор Стефанов и многу други. Годинава на поканата за годишната изложба се одзваа деветмина ликовни уметници кои активно сликаат и создаваат уметност со што галеријата при домот на културата целосно ја реализира програмската активност за ликовна дејност со околу 20 ликовни изложби плус уште неколку изложби, арт хепенингот на градскиот плоштад и ликовната колонија- рече на отворањето на изложбата ликовниот уметник Владимир Темков.

Традиционално на истиот ден со годишната изложба Друштвото на ликовните уметници
на Кавадарци одржа и годишна седница на која по завршувањето на едногодишниот мандат на Симона Манчева за нов претседател на друштвото беше избрана Соња Самарџиева. Ми.М.