Вечерва, во 20 часот, во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи премиера на претставата „Немам каде да се вратам“, на групата за перформанс „Кунстверкштат“, при Младинскиот образовен форум. Тоа е претстава за талкањето на сириските бегалци. Она што го наоѓаат ликовите од оваа претстава е нивниот сопствен однос кон она од кое бегаат. Дејството се случува во еден од бегалските кампови во Македонија и откако ликовите ќе се соочат со своите задоцнети бури, продолжуваат по својот пат до некоја од европските земји.
– Бегањето од војна и трагањето по безбедност и мир не значи и нивно наоѓање, а преку приказните на ликовите од претставата „Немам каде да се вратам“ го гледаме токму тоа: на патот кон некоја од европските земји секој од нив успева да подзастане и за момент да се сврти кон една дома што веќе не постои. Пред крстопатот од можности, во еден камп во Македонија, пред да одлучат на каде да го продолжат патот, бегалците ги излеваат своите внатрешни драми и сфаќаат дека ништо веќе нема да биде исто – вели драматургот Милош Андоновски.
Претставата е во режија на Дени Стојанов, а играат: Ангел Таневски, Влатко Јовановски, Ива Цветановска, Ивона Кузмановска и др.